Поголем дел од вкупно 350 вработени во прилепскиот мермерски комбинат, во рудникот Сивец, денеска ја прекинаа работата. Се собраа на спонтан протест во знак на револт бидејќи при исплата на августовската плата како што велат скратени им се по 2000, 3000, а на некои работници и 5000 денари без образложение.
„На сите ни` скратија од парите, без образложение, без најава, во банката забележавме зашто налогот е покус“, вели за Телма ТВ, Киро Нешкоски, долгогодишен работник во Мермерскиот Комбинат.
На некои од работниците подоцна им било кажано дека не ја исполниле нормата и затоа им се исплатени помалку пари, но тие се изненадени зашто норми не се пропишани со Колективниот договор. И покрај тешките услови за работа во рудникот, минатиот месец биле остварени рекордни резултати во производството на мермерни блокови од 2800 метри кубни плочи и огромни количества јаловина.
Претставници на Синдикатот од фирмата со колегите од гранковиот синдикат за градежништво, индустрија и проектирање од ССМ денеска остварија средба со дел од менаџерскиот тим, но велат без успех.



