“ДУХОТ КОЈ ОДИ” НА ДЕЈАН ДУКОВСКИ И АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ, НАЈДОБРА ПРЕТСТАВА НА “СКУПИ ФЕСТИВАЛ” – СКОПЈЕ

Пишува: Лилјана Мазова

Интернационалниот театарски СКУПИ ФЕСТИВАЛ (27 октомври – 1 ноември 2015, во Младинскиот културен центар – Скопје, уметнички директор Сенко Велинов), со исклучиво меѓународна програма од осум претстави, убаво и дојде на скопската публика во време кога скопските театри уште земаат здив за есенскиот дел од сезоната.

Најголемо внимание предизвика најновата претставата на докажаниот тандем Дејан Дуковски – Александар Поповски и нивниот “Дух кој оди”, во продукција на Српското народно позориште во Нови Сад и копродукција со Центарот за развој на визуелна култура. Премиерата во Нови Сад беше во средината на септември годинава. Оваа претстава освен што одлично помина пред публиката во Скопје, и од страна на фестивалското жири на СКУПИ ФЕСТИВАЛ е наградена со единствената награда – Гранд-при.

Збор е за сосема нова претстава, всушност праизведба на драмата на Дејан Дуковски “Духот кој оди” (Патот на Прометеј) во режија на Александар Поповски. Двајцата, заедно, создале силен театар кој говори за хаосот на времево, за поединецот за кој нема одговор (и нема да има!) дали е убиец, бунтовник, лузер.

Дуковски сигурно/суверено владее се времето на балканското буре барут, со тоа што сега ја поставува темата на многу пошироко ниво. Создал отворен, сигурен текст кој на духовит начин говори за суштинските нешта на нашево време. Режијата на Александар Поповски е суверено силна, фарсична, со духовити решенија за сериозни настани и состојби на духот во разнебитеново време во кое профитот создава незадоволни луѓе кои решението го бараат во оружјето, во куршумот од пиштолот. Со идеја дека само така ќе стигнат да ја исправат неправдата, само така се доаѓа до слободата и до вистината.

Поповски ја осмислува/остварува претставата низ играта на актерите, максимално искористената сценографија од дванаесет, односно четири по при правоаголни кутии кои ги разместуваат актерите и ги користат за разни намери/цели, низ музиката. Најмногу е посветен на играта на актерот. Со/во секој од нив максимално го поттикнал/извлекол ликот што го игра. Како секој да е најважниот и од него зависи целината.

Целината е театар каков што сакаме денес: актуелен, жив, со вистини на кои им се смееме, ги препознаваме, не повредуваат. Вистината за тажното и болното е поставена како превртен чорап: на духовит начин се прикажани/одиграни моралните дилеми и тука и било каде денес во светот.

Генерално во центарот на приказната е Александар или Мара, или Робеспјер од Бихнеровата драма “Смртта на Дантон”, или патот на Прометеј кон потрагата по светлината, слободата. Или е Шекспировиот Хамлет – да се биде или не. Овој Александар, овој Мара, кој пука во кого мисли дека во тој миг го заслужува тоа, повикува и на “крв да прска на сите страни”, води своја битка и констатира дека “кога нема систем јас сум систем”, во време “кога е на дело квази феудален систем” а ништавило е новиот светски поредок во кој сите во него сме овци од “крвавата фарса” за волкот и овците низ иронијата на познатата песничка “… кој се плаши од волкот лош … јас не се плашам…”, и она најсуровото: дека кој ќе спроведе револуција сам си го ископал до половина гробот.

Вистини, духовити реплики, одлична комбинација на некогашни и сегашни музички хитови, актери кои говорат, пеат, танцуваат.

Мара, кој пука кога и каде стигне, што во секоја сцена со нова страст го игра Ненад Пеќинар, е притиснат од неправдите што една по друга му се правеле и тргнал во борба/потрага по своите права. Знае ли дека тое е ирационална битка во која, откако изгубил сè (вклучително и семејната куќа), таа негова борба е пресметка со/против системот Оттука и прашањето за моќта на оружјето како начин на убедување.

Нема систем, има само прашања: кој е Мара: негативец или обичниот човек што насекаде го среќаваме огорчен на неправдите што му ги прават другите и чиј ум и разум се опструирани. Тој е решен да води своја борба, своја револуција, да пука, да убива и, на крајот, буквално повикува на оружје. Таквиот крај, мислам повикот на Мара на борба и со истрел, е буквален и малку отповеќе затоа што сè и пред тоа е веќе кажано, одиграно и спакувано во актуелен театар.

“Духот кој оди” е ангажиран театар кој ги буди сетилата и моралните дилеми за/на човекот од светот денес. Создаден врз моќен драмски збор, со домислена до ситница режија, чиста актерска игра, јасна музика, сцена, костим. Актуелен театар на тема која јасно и гласно ја отвора душата на обесправениот човек кој лузерски тргнува во борба која е многу веројатно напразна/залудна и бунт што е на сопствена штета. Или, како би рекол авторот Дуковски – истрел во срцето кое го нема.

Рецензијата е превземена од globusmagazin.com.mk