„Европската унија (ЕУ) самата се перцепира како единство на различности. Одеднаш, сега, се покажува дека членки на ЕУ промовираат еден чуден ЕУ-однос – „ние и вие“. Многу пати сум го цитирала професорот Џозеф Вајлер од Харвард, познат по уставот на ЕУ, кога вели дека ЕУ прво, иако се вика Европска унија, е потесен ентитет од Европа, а сепак се вика Европска унија и дека односот кон кандидати и кандидатите треба да го смени, бидејќи напати тој наликува на судија и обвинет или се одвива според начелото „молчи и слушај“. Тоа не се однесува, се разбира, на ЕУ како ентитет и на органите, туку еве на некои членки“, вели професорката и актуелен пратеник, Гордана Силјановска Давкова на трибината организирана во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Заштита на националните и државни интереси, наместо пазар дипломатија“.
Таа ова го посочи во однос на Република Бугарија и нејзиниот однос кон Македонија со наметнување на разно-разни барања и услови, како што е и барањето за промена на уставот за впишување на бугарско малцинство, а од нејзина страна неправејќи никакви отстапки на зацртаните позициите нарекувајќи ја чудна тактика за земја членка на Европска Унија која се потпира на начелото на еднство на различностите.
Во однос на признавањето и заштитата на правата на малцинствата, Силјановска Давкова посочи дека тука особено треба да важи начелото на реципроцитет, односно како што Бугарија бара признавање на бугарско малцинство во Македонија, истото треба да го направи и таа, и во Бугарија да го признае македонското малцинство и да ги гарантира неговите права, што е во согласнот и со добиените пресуди од Судот за човекови права кои ги покренаа Македонците во Бугарија.
Од она што го покажува историската меморија, токму на прашањето на заштитата на правата на малцинствата најмногу се инсистирало на реципроцитет. Да посочам, и ние и Бугарија, и сме ја потпишале и сме ја ратификувале рамковната Конвенција за заштита на правата на малцинствата. Ако ја следиме логиката на солунскиот Самит и на она што комесарот Оли Рен тогаш го изрази е дека регионот Европа, историски, географски, културно, само во два културно-историски моменти – на Отоманската империја и на комунизмот не сме биле заедно. И дека логиката е јасна ако е ова портата на ЕУ, тогаш или ние ќе извезуваме мир или ќе увезуваме немир“, истакна Силјановска Давкова.
Во однос на барањето за промена на Уставот, таа истакна дека е неизбежно дека тој повторно ќе се менува, најмногу поради ЕУ интеграциите како што е примерот со Србија која пред недела дена се изјаснуваше и на реферндум, но дека тоа ние треба да го направиме со барање од внатре, како на пример претседател на држава, а не како барање кое некој од надвор ни го наметнува.
„Мој белгиски колега вели, Уставот треба да се менува со рака што трепери од одговорност. Да, ние до сега неколкупати го менуваме уставот со рака што трепери од страв. И замислете, за триесетина години 36 амандмани, споредено со САД за повеќе од 200 години, 27 амандмани, имаат 1.000 предлози и 5.000 неуспешни обиди. Проблемот е што ние, дали треба да го смениме Уставот, јас одговорно тврдам дека тоа и ќе го направиме. Србија тоа сега го правеше со референдум, во функција на ЕУ интеграцијата, меѓутоа не со барање од надвор, туку со барање од внатре. Еден паметен претседател или претседател на собрание, одамна би ја проширил уставната комисија со експерти, за да видиме во овие 30 години кои проблеми ги манифестираше уставната норма во праксата како систем“, посочи Силјановска Давкова.




