Претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ Гордана Силјановска на новинарско прашање зошто не покаже политичка култура и не му честита на Пендаровски за победата таа кажа дека „ги признава резултатите, но поради тоа што ми се случуваше по телевизите, не очекувате со восклик да го прославам тоа“.
Силјановска не смета дека честитањето на победата на политичкиот противник е политичка култура.
„Тоа е лаичко толкување на политичката култура. Кај нас владее политичка поданичка култура“ кажа Силјановска.
Таа исто така рече дека е задоволна од остварениот резултат и што освоила 370 илјади граѓани.
„Заврши изборната трка, изборната сага, невообичаена за мене и чудно се чувствувам, бројките говорат за пораз, обично поразените не се чувствуваат добро, но јас никогаш не сум се чувствувала по смирено, побогато, исполнето, попродуховено и од срце ви благодарам на сите кои верувавте дека некој кој не е член на партијата може толку многу да се зближи со оние од Унијата на жените, членовите, коалиционите партнери, симпатизерите, ама најмногу со граѓаните“ кажа Силјановска Давкова.
Денешниов ден и личел на „Четирите годишни времиња“ од Вивалди.
„Претпоставувам дека заврши како пролет за другите, за победниците, но воопшто за мене не е зима. Верувале или не ама да добиете речиси 370 илјади гласови е голема благодарност, а згора да станете позната по улиците како Гога, тоа е нешто што е ново во политиката во Македонија, а да не говорам дека за две недели да добиете речиси 50 илјади гласови разговарајќи со различни групи на луѓе навистина е голема инспирација за мене, затоа велам дека вечерва знам дека Вардар победи и знам дека победи против кандидатот, но не мислам дека јас како поединец и кандидат од ВМРО-ДПМНЕ ја загубив битката, рече Силјановска.
Таа вели и дека во Македонија на изборите победи „партитократијата, а не демократијата.“




