Во 15.50 примивме дојава за запалена барака во Градски парк, односно поранешниот Суд за прекршоци, кој не работи повеќе од три години, кажа командирот на скопската Противпожарна единица, Владимир Симоновски, откако пожарот со шест возила и 20 пожарникари беше изгасен.

Тој кажа дека објектот бил изграден од лесно запаливи материјали, како и дека не се знаат причините за пожарот, но се претпоставува дека можеби е предизвикан и од бездомници, бидејќи станува збор за напуштен објект.

-Нема ниту жртви, ниту повредени лица, единствено помала материјална штета има ресторанот „Томче Софка“, изјави Симоновски, додавајќи дека пожарникарите на терен наишле на проблем, односно хидрантската мрежа била необележана, па дотурот на вода се спроведувал преку Министерството за земјоделие.