Откако во Австралија го забрани користењето на социјалната мрежа Фесјбук кај свештенството, предлогот на владиката Петар пристигна и во Македонија.
Забраната за користење на Фејсбук помина и кај владиците- членови на Синодот на Македонската Правослана Црква-Охридска Архиепископија.
Дека одлуката е донесена, потврди за НОВА портпаролот на МПЦ – ОА, владиката Тимотеј, одбивајќи да коментира било што.
Дел од клирот на црквата сеуште e неинформиран, дел бараат образложение, која е причината за ваквата одлука и дали би следувала казна за непослушните. „Изненадени сме од ваквата одлука која не оди во прилог ниту во развојот на духовните вредности“, коментираат свештениците за НОВА.
Владиката Пимен на шега денеска на ФБ прокоментира: „Твитерот е побожен, тој не е забранет на пример:-)“
Инаку, за време на протестите за изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје, владиката г. Пимен преку Интернет разви јавна дебата, спротивна на ставовите на владиката г.Агатангел, кој пак ги повикуваше верниците на простети.
Во интервју за НОВА европскиот митрополит Пимен тогаш, кој јавноста го нарече фејсбук-владика, изјави дека секој владика е назависен во работата на својата епархија и дека нему не може да му се наложи да не ги користи социјалните мрежи, кога тоа во денешно време е најбрз и најлесен начин за пристап до информации.
„Сепак постои опасност интернетот да стане пасија“, потенцира владиката Пимен. „Ако тоа стане посилно од нас поголем дел од времето го употребуваме на Фејсбук отколку паството. Од друга страна, голема е потребата, која е и неопходна во денешно време од тој брз и лесен начин на информирање“.
Факт е дека користењето на Интернет е доста распространето како меѓу верниците, така и меѓу свештените лица, но исто така е значајно дека потребата од комуникација во било кое време и на било која дистанца е неприкосновено човеково право.




