На пет различни локации низ главниот град изутринава во 5:17 часот се спроведе аудио-уметничка акција во траење од една минута „Разбуди се Скопје“, која требаше да ги потсети граѓаните на точното време на катастрофалниот скопски земјотрес од 26 јули 1963 година. Со акцијата беа опфатени Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје, Градскиот трговски центар, Порта Влае, а едно озвучено возило се движеше по булеварот „Партизански одреди“. Организатор на акцијата е групата која ги прави урбаните уметнички акции низ Скопје и работи во рамки на Центарот за современи уметности.
– Со оваа аудио акција, урбаните уметници дадоа нивен оригинален придонес во оддавањето почит на жртвите од земјотресот и внесоа нова димензија во одбележувањето на оваа скопска трагедија, соопшти Град Скопје.
Според групата урбани уметници, со влегувањето на звукот на сирените во домот на скопјани и будењето на граѓаните во 5:17 часот на најдобар начин кај секој жител на Скопје ќе се вреже сеќавањето на земјотресот, тажните сеќавања за трагедијата кои со тек на времето нема да бледнеат од генерација до генерација. Сметаат дека секој што ќе го чуе звукот на сирените ќе се потсети на катастрофата од далечната 1963 година и во својата меморија ќе го вреже датумот 26 јули.
Со повеќе активности и манифестации денеска се одбележуваат 55 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Домашни и странски делегации денеска на градските гробишта во Бутел, положија цвеќиња пред споменикот на загинатите од катастрофалниот земјотрес во Скопје, што се случи пред 55 години.
Во чест на загинатите, венец положи и официјална делегација на Град Скопје, предводена од градоначалникот Петре Шилегов.
– Одбележувањето на 26-ти јули, кога се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, за Владата на Република Македонија е сеќавање на бројните жртви, но и вечен потсетник за сочувството, помошта и солидарноста што ги покажа светот кон семејствата на загинатите и кон градот Скопје. Тоа е наша обврска, да возвраќаме со сочувство и помош кон оние на кои им е потребно, да градиме општество врз темелите на солидарноста и да продолжиме да го развиваме главниот град со ентузијазмот и прогресивната визија, со којашто беше обновен, велат од Владата по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Со положување цвеќиња, почит на жртвите им оддадоа и делегации од Собранието на Република Македонија, на политичките партии, на сите скопски општини, претставници на Црвен крст, на АРМ, на јавни претпријатија и културни установи, како и бројни граѓани.
Цвеќиња на гробиштата на загинатите од земјотресот, положија и официјални делегации од странство, меѓу кои: од Соединетите Американски држави, Република Кина, Република Франција, Кралството Холандија, Руската Федерација и делегација од Европската Унија.
Програмата насловена „Зборува Скопје“ во четири дена ја обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата. Одбележувањето почна во понеделникот, кога на источната страна на Музејот на Град Скопје беа откриени вратените букви од пораката на Јосип Броз Тито.
Во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба на дела од грчки автори. Во Младинскиот културен центар пак ќе има проекции на серијата „Досие Скопје“ и богата музичка програма.
Градот на солидарноста
Катастрофалниот земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минити, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Целиот свет беше потресен од трагедијата на Скопје. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
Трите земјотреси
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 – 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.
И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред точно 55 години, утрината на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути.