Ниту една од организациите не отишле да го превземат од граница 25 годишниот син на Сириецот кој пред два дена почина во Гевгелија. Младиот човек кој имал германски пасош, ноќта ја поминал на границата, спиел на отворено чекајќи некој да го однесе кај неговиот малолетен брат кој е сместен во згрижувачко семејство кое знае арапски јазик . Тој во Македонија е дојден да го земе брат му и да присустува на погребот на неговиот татко.

„За жал никој не отиде да го земе, денеска со брза интервенција на старателката на неговиот брат, 15 годишното момче, алармирана е граничната полиција и тој е на пат кон Скопје. Дојден е за да си го земе брат му и да ги среди формалностите околу закопот, односно да одлучи дали ќе го земе телото или ќе го погребе тука, иако негова желба е никогаш повеќе да не се врати во Македонија“, изјави Мерсиха Смаиловиќ од невладината организација „Легис“.

Од невладината организација се обидуваат да најдат место каде ќе биде погребан Сириецот, доколку неговиот син одлучи да биде погребан тука.

„Неговиот помал син е во тешка депресија и ние сме шокирани како некои организации не си ја превземаат одговорноста, така што нивната работа ја завршија државните институции иако тоа не е нивна надлежност“, рече Смаиловиќ.

Што се однесува до жената од Сирија која за време на викендот се породи во Гевгелија, таа денеска излегува од болница и одбива да остане во Македонија, така што со новорооденчето ќе тргнат на пат за Европа, додека границите не се затворени. Во Легис велат дека се среќни и задоволни од персоналот на болницата, добиле многу облека за бебето пред да го продолжат патот.

Но, она што е катастрофално во моментот е состојбата во меѓузоната на границата со Грција. Во моментот кон страната од Македонија има околу 500 бегалци, но како влегувате понатаму ситуацијата е ужасна, стотици мигранти седат во нехумани услови, гладни и жедни без медицинска помош, остануваат таму со денови. И бегалецот од Сирија кој почина од срцев удар со неговиот малолетен син таму биле пет дена со многу малку храна и вода, објаснуваат во „Легис“.

„Не постои законско објаснување зошто луѓето се држат во меѓузоната. Со меѓузоната комплетно потфриливме како човештво, како организации, како систем. Таму има многу бремени жени, болни и изнемоштени. Грчката полиција ги пропушта. Тоа е меѓузона контролирана од две држави.Таму може да влезе само Црвениот Крст“, вели Смаиловиќ.

Но, она на што се револтирани во невладината органзиција е дека бегалците не ги пуштаат да преноќат во хотел кога ќе стигнаат во државата, бидејќи некои од нив кои што имаат пари, сакаат да се одморат во тие 72 часа престој. Од хотелите се правдале дека имаат наредба од МВР да не ги пуштаат .

Иво Котевски, помошник на министерот на МВР за НОВА вели дека во Законот не е регулирано како ќе ги поминат тие 72 часа, а од МВР немало издадено таква наредба.

„Нема издадено таква наредба до хотелиерите “. Законот не го регулира тоа“вели Котевски.
На прашање на НОВА,зошто македонската полиција не ги пушта мигрантите Котевски одговори:

„Согласно законската регулатива, имаме обврска да ја штитиме границата, не може полицијата да пропушта илегални мигранти, непримерно е и да ги пренесуваме. Кога ќе ја преминат границата се третираат согласно законската регулатива“, изјави Котевски.

Бегалската криза кулминира од април годинава. Од донесување на измените на Законот за азил, за нешто повеќе од 10 дена, азил побарале околу 6000 бегалци, но ниту еден не останал во државата.