Американскиот претседател Барак Обама изјави дека рускиот предлог, според кој сириската влада ќе го предаде целото хемиско оружје под меѓународна контрола, има потенцијално позитивен тек. Сепак, тој изразува загриженост дека оваа идеја би можело да му послужи на Дамаск како тактика за одолговлекување.
Сириската влада веднаш го поздрави предлогот за предавање на хемиското оружје. Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, Кина и Иран ја поддржаа идејата, додека Франција, Германија и Британија оценија дека предлогот вреди да биде разгледан.
Во Париз, францускиот Министер за надворешни работи Лорен Фабиус кажа дека Франција е подготвена на Советот за безбедност на ОН да му предложи резолуција која повикува Сирија да ја открие својата програма за хемиско оружје и да ја предаде на меѓународната заедница да ја разгради. Тој кажа дека резолуцијата би вклучила „сериозни“ последици доколку Сирија не се придржува на тоа.
Советот за безбедност не можеше да се согласи на претходните мерки за санкционирање на Сирија, со Русија и Кина практикувајќи го правото на вето за блокирање на три претходни резолуции против владата на Претседателот Башар ал-Асад.

