„Здравство и социјала како милостина“ е фељтон на новинарката Менче Атанасова Точи кој НОВА, го објавува во продолженија, а е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ. Тоа се сведоштва кои говорат за едно време-невреме кое во колективната меморија ќе остане запаметено како темно, кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ , a ќе го паметиме како „загубено време“
Пишува: Менче Атанасова Точи
Тамара – девојчето чија смрт ги извади граѓаните на улица
Целокупната ситуација во здравството, популизмот и политизацијата достигнаа кулминација. Работите излегоа од контрола, во смисла на бескомпромисно користење на моќта, вклучувајќи го и самоволието и арогантното однесување на министрите. Зборуваме за власт што болеста на едно дете сакаше да ја искористи за сопствена промоција. И создаде систем кој уби дете.
Малата Тамара Димовска почина на 9 февруари 2015 година додека чекаше надлежните да одлучат каде ќе се оперира од тешката деформација на „рбетниот столб која ги притискаше нејзиното срце и белите дробови. Имаше само 9 години. Нејзиното лекување се одлагаше цела година.
А стануваше збор само за 30.000 евра, колку што чинеше операцијата во странство. Донациите, кои се собираа преку хуманитарни концерти, беа прекинати кога Тодоров им вети на родителите дека девојчето ќе се оперира во странство бидејќи можностите во државата беа исцрпени. Тогаш почнаа манипулациите. Институциите, наводно не можеа да се договорат дали и каде ќе се лекува Тамара, а Министерството, ФЗОМ и комисиите во Фондот излегуваа со контрадикторни информации.
По долготрајна голгота, време кога состојбата на Тамара се влошуваше, на родителите им беше соопштено дека се чека турскиот лекар да се врати од странство и да закажат датум за операција. Всушност, излезе дека Второстепената лекарска комисија, каде
што својот потпис го ставила Аспазија Софијанова, тогаш актуелна директорка на Детската клиника, не го прифатила конзилијарното мислење на своите колеги ортопеди и одговорила дека не се исцрпени можностите за лекување во Македонија,
односно дека „лекувањето има можност да се изврши на ТОАРУЦ“.
Тогаш стана јасно дека родителите биле манипулирани и излажани. Подоцна Софијанова обелодени дека одлуката малата Тамара да не се лекува во странство дошла од „горе“, односно од повисоко ниво. Планот бил да се отвори новиот Спинален центар за таму да се оперира девојчето и така да го промовираат центарот.
„Одлуката дојде од повисоко ниво, се чекаше да се отвори новиот Спинален центар за таму да се лекува малата Тамара. Јас во тој период не бев во државата, а одлуката се донесе по телефон“, изјави тогаш Софијанова.
Четири месеци пред да почине малата Тамара Димовска, Фондот за здравство ги стопирал сите операции на деца што требало да заминат во странство поради деформитети на „рбетниот столб. Со документ, Фондот ги известил клиничките конзилиуми и двете лекарски комисии дека „не треба да издаваат предлози за лекување во странство за искривување на рбет бидејќи болеста не бара
итност, односно не е акутна“.
Одлуката очигледно била политичка. Тодоров се изјасни дека не чувствува одговорност за смртта на малата Тамара и рече дека направил сè за девојчето да отпатува на операција во странство. Одговорноста ја префрли на тимот странски доктори на кои се чекало да ја закажат операцијата.
На 24 февруари започнаа масовни протести, прво пред Министерството за здравство, а потоа пред ФЗОМ и по улиците на Скопје. Граѓаните бараа оставки и извикуваа „Убијци, убијци“, „Сите сме Тамара“, „Оставка“, „Нема да ви простиме“, „Парите ги трошите за бронза и мртви идоли“. На звучници се пуштаа отчукувања на срце.
Меѓу демонстрантите имаше пензионери, студенти, родители. Протестите резултираа со две оставки, на директорите на ФЗОМ, Маја Парнаџиева-Змејковска и Џемали Мехази, но Тодоров не си поднесе оставка. По ова, Основното јавно обвинителство отвори истрага, но на обвинение се чекаше речиси три години. Три и пол години подоцна, ОЈО до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе обвинителен предлог против 12 луѓе за сторено кривично дело – несовесно работење во службата во случајот со лекувањето на Тамара Димовска.
Обвинети се членовите на двете комисии, првостепената и второстепената, двајцата директори на ФЗОМ, но за Тодоров обвинение не беше покренато. Судската постапка сè уште е на почеток и тапка низ судските лавиринти. Случајот на малата Тамара значеше почеток на граѓанските протести против режимот, кои не престанаа во наредните години, сè до паѓањето на власта на Никола Груевски.
Следува: Како функционираше социјалниот систем









