Системот за социјална заштита се сервисира колку да не се запали, оставен е без човечки капацитети, условите за работа на вработените се катастрофални, платите на сите кадри се речиси исти без разлика на статусот, цели 11 години немало никаква обука, социјалните работници не се подготвени за современите предизвици.  Од 1060 вработени само 500 се стручен кадар. Тие имаат по 300 до 500 случаи и немаат време да ги пополнат формуларите, а не да се посветат на луѓето и нивните потреби, изјави Мила Царовска министерка за труд и социјална политика во дебатата на 24 ТВ.

Од тие причини Царовска најави  дека од 6 август ќе  започнат со континуирани обуки за сите вработени, а во тек се и 136 нови вработувања.

За случаите со зверски претепаното бебе, со трите деца кои живи изгореа во Велес, со бременото малолетно девојче во домот„ 25 мај“, за децата кои користат дрога, за тие што питачат на улица, за насилството врз децата кое не се препознава во училиштата, градинките, покрај министерката Царовска говорат и Наташа Станојевиќ директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Татјана Гогоска лице за односи со јавност во Првата детска амбасада Меѓаш и Елена Димушевска извршна директорка на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.