Пишува Нела Витошевиќ, режисерка
Деновиве ми се јавуваат драги пријатели и колеги и ме убедуваат дека треба да се одбранам од нешто, да објаснам процедури, да спречам дезинформирање. Во лавината реакции околу скандалозните одлуки поврзани со Годишната програмa за култура, сметав дека е неумесно да се осврнувам и на личните напади врз мене и мојот партнер на социјалните мрежи. Сепак, со оглед на тоа што многумина околу мене ја препознаа тенденциозноста во известувањето во одредени медиуми, одлучив да не останам без одговор на неосновани и злонамерни напади. Но, за што да се одбранам, прашувам? За тоа што сум добила два проекта годинава? За тоа што ме бараат да работам? За тоа што некој инсинуира дека јас и Васил Христов ќе ставиме 100 илјади евра во џеб!
Да почнам од она што најмногу ме вознемирува и е најнеобјасниво за мене, а не се случува прв пат. Веќе втора година јас и Васил Христов – Вуси сме третирани во пакет во медиумите, а јас не разбирам од кои причини. Дали јас нему од позиција на моќ му доделувам проекти или тој мене? Каде е тука конфликтот на интерес? Дали ако едниот од нас работи, другиот не смее само затоа што сме со иста професија?
Настрана од тоа што ниту еден новинар не побара мој став за текстови и прилози во кои сум спомнувана, дополнителен проблем е и општата неинформираност за тоа како се одвива процесот на подготовка на драмската програма во театрите. А тоа потхрани многу малициозни коментари, дури и од луѓе од фелата, кои многу добро ги знаат процедурите. Па затоа ќе се обидам прецизно и сликовито да појаснам.
Имено, за претставите кои влегуваат во годишната програма, апллицираат самите театри, а не режисерите. Институциите отвараат конкурс, но и самите покануваат режисери со кои сакаат да соработуваат. Потоа како установи утврдуваат колку средства се потребни за проектот и аплицираат до Министерство. Минатата година добив покана од 7 директори на театри (6 државни театри и еден независен театар) кои побараа од мене предлог проект за годишната програма во 2019 година, односно се изјаснија дека сакаат да имаат моја претстава во нивните институции. Јас, исто како и во некои други времиња така и сега, поднесов повеќе, во случајов пет проекти до театрите, зашто не можам да знам што ќе се случи однапред и кој е проектот што евентуално ќе биде одобрен. И, притоа, немам намера да глумам лажна скромност, затоа што сметам дека сум во полна творечка зрелост и сакам да бидам продуктивна кога мојот квалитет е препознаен. Она што тука сакам да го истакнам и што сметам дека е многу важно за јавноста во екот на дебатата за Годишната програма и начинот на кој се носат одлуките, е дека директорите на институциите се тие кои ги одредуваат своите приоритети, а не комисиите при министерството. Очигледно, и не по моја ,,вина’’ на повеќето сум им била на листа на приоритетни проекти, а така и се изјаснија при средбите и телефонските разговори кои ги остваривме. Во оваа прилика, ги повикувам да се огласат директорите на театрите каде што добив проект и слободно да изјават ако некому му е натурено или бил под притисок да земе мој проект.
Би сакала да потенцирам дека третиот мој проект кој е дел од програмата за 2019та е проект на МНТ од минатата година, префрлен за годинава. Причината за ова, а која намерно се ингорира за да се напумпаат нападите, лежи во тоа што Македонскиот народен театар се уште се справува со наследените долгови. Поради тоа, парите наменети за мојот проект лани, преку извршител беа повлечени за исплата на долгови создадени од минатото раководство. Патем, овој проект го работам за плата, како вработена во МНТ, и не земам дополнителен хонорар. И проектот на Вуси кој треба да го работи во Турскиот театар е исто така проект префрлен од лани. Причина? И Турскиот театар поради долгови натрупани од минатото раководство имаше блокирана сметка и не можеше да го реализира проектот.
Тоа значи дека фактички јас годинава сум добила два проекта, додека Вуси добил еден проект. Секако, има и други режисери кои добиле по 2-3 проекти, што за мене не е спорно. Но за нив не се коментира воопшто, а камо ли со тенденциозноста со која неаргументирано се анализираат нашите проекти. Меѓу нив има колеги кои немаа никаков застој во кариерата изминатава деценија и редовно добиваа проекти, додека Васил Христов беше ставен ,,под мраз’’ десетина години и немаше добиено никаков ангажман во национална установа. Во тој период го формиравме Вондерленд театарот во кој про боно реализиравме седум независни проекти и покрај многуте пречки и финансиски тешкотии. Искрено жалам што ,,двоецот’’ Витошевиќ-Христов помалку се спомнува во тој контекст, отколку во актуелниот, во кој има очигледни намери да бидеме девалвирани и двајцата.
Особено ме погодува што во целиот вртлог од информации околу годишната програма за култура, оправданиот гнев и реакции, се протнуваат обидите да се создаде перцепција во јавноста дека ние двајцата сме зеле 100 илјади евра за петте проекти на кои работиме (секако, избројани заеднички зашто, нели, ние сме едно битие), односно дека тие пари ги присвојуваме за нашиот ,,семеен буџет”. Се чувствувам дури и по малку глупаво што почнувам да објаснувам дека овие пари не се износи на наши лични хонорари. Ова се средства наменети за целосна продукција на пет различни претстави: изработка на костими, сценографија, реквизита, авторски хонорари за глумци, режисер, костимограф, сценограф, композитор, изведувачи, авторски права за текст итн, односно за се што влегува во вкупната продукција на еден театарски проект и тие се уплаќаат на сметка на театрите, а не на личната сметка на режисерите. И ова секој новинар што сака да биде сериозен треба да го знае или да го истражи, а не нивните коментари да одат во контекст дека тоа се пари лично за нас.
Да заокружам со најважното. Од резултатите од програмата за култура не сум задоволна ни јас. Во целото фијаско со годишната програма, сметам дека буџетот за драмска дејност е комплетно осакатен и дека со парите кои се определени е невозоможно да се истераат проектите како што се замислени. Да илустрирам со проектот кој веќе го споменав, Магбет во МНТ. Претставата има околу триесет ликови и со доделените средства е скоро невозможно да направиме костими, сценографија, како и да ангажираме млади невработени глумци како што планиравме, во обид да им се даде шанса на луѓето кои беа шиканирани и запоставувани низ годините. Но, овој проект не само што беше префрлен од една во друга година, туку се намалија и средствата за него за 200 илјади денари. Искрено сметам дека е редно време оваа власт да ја сфати важноста на културата за едно општество и да не го намалува, туку напротив да има постојана тенденција да го зголеми целокупниот буџет за култура.
Повеќе од јасно е дека начинот на кој се распределуваат парите во културата треба системски да се промени за да се произведат резултатите кои ги сакаме. Се согласувам дека овој конкурс мора да се ревидира, но тоа нема ништо да значи за понатаму доколку не разговараме и за темелни промени. Овие програми треба да го поддржат и унапредат квалитетот на сите сегменти на културата во земјава, а не да бидат предмет на партиски дилови, ниту пак социјално прибежиште.
За крај, сакам да ги споменам сите кои збор не кажаа со години, а сега одеднаш се екстремно гласни и добија мислење за се. Кога јавно, со години наназад, истапував за личните и за заедничките проблеми со кои се соочувавме во театарот, не добивав речиси никаква поддршка. Веројатно зашто тоа беа поопасни времиња за да се зборува гласно. И среќна сум што тоа се промени, и покрај тоа што луѓето понекогаш милуваат да ја користат слободата без одговорност кон туѓиот интегритет и вистината.
За мојата работа како режисер кажала и ќе кажува публиката. За мојата работа како професионалец оставам да кажат колегите и институциите со кои соработувам. А своето мислење околу министерството и третманот на културата воопшто, гo посочив и гласно гo кажав пред неколку месеци, кога заедно со група уметници ја формиравме петицијата ,,Не за продажба на културата’’.




