Стотици ученици и наставници од Основното училиште „Исмаил Ќемали“ од Општина Чаир денеска со цвеќе и транспаренти излегоа на марш во Скопје во знак на почит кон нивните соученици кои настрадаа во автобуската несреќа во Бугарија.

Велат дека со маршот сакаат да се потсетат на своите другари, петмина од ова училиште, кои вчера ги загубија животите во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија.

Тие од училиштето се упатија до плоштадот „Скендербег“, каде положија цвеќе и пораки за своите настрадани сооченици.

Еден од наставниците на Основното училиште „Исмаил Ќемали“ од Општина Чаир изјави дека станува збор за исклулително добри и интелегентни деца.

– Видно сме потресени од оваа несреќа која се случи вчера. Пред малку бевме до семејствата на загинатите деца и сликата е страшна. Сите плачевме, изјави наставникот Метуш Мемети.

Во несреќата од Основното училиште „Исмаил Ќемали“ од Општина Чаир загинаа вкупно пет деца, две деца од деветто одделение, едно дете од осмо одделение, едно од шесто и едно од второ одделение.

Во вчерашната автобуска несреќа во Бугарија, загинаа 46 луѓе, од нив 12 деца, а седум патници се повредени.