Специјалното јавно обвинителство побара обвинетите Сеад Кочан и Василие Авировиќ да бидат прогласени за виновни во случајот Труст, а од фирмите „Трансмет“ и „Силекс Неметали“ да се конфискува имот од 17 милиони евра. Кочан и Авировиќ се обвинети дека поднеле фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност, за да бидат конкурентни на тендерот на државната ЕЛЕМ за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.
Во завршните зборови обвинителот Гаврил Бубевски кажа дека доколку нема можност имотот да се конфискува од фирмите, конфискацијата да биде насочена кон основачите на фирмите.
„Дадовме алтернативно барање во смисла доколку за Трансмет имаме блокирано имот а за Силекс Неметали утврдивме дека нема имот и од нив не би можело да се конфискува. Доколку нема можност да се конфискува од Силекс Неметали, конфискацијата да биде насочена кон основачот, а тоа е РИК Силекс од каде би можеле да се наплатат овие 17 милиони евра“, изјави Гаврил Бубевски, СЈО.
На денешното рочиште, беше повлечено обвинението за фирмата „Вато ДООЕЛ“од село Батинци која беше дел од конзорциумот кој фиктивно го формирал бизнисменот Сеад Кочан.
Исто така, обвинителството посочи дека Сафет Васиќ, повеќе не е обвинет како извршител на сторено дело, туку ќе се води како помагач, бидејќи е утврдено дека извршувал само „помагачки дејствија“ и за него ќе се бара помала казна.
Одбраната своите завршни зборови ќе ги изнесе во понеделник.