Иранската војска тврди дека нејзините крстосувачки ракети успешно го погодиле американскиот носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“, објави иранската новинска агенција ИРНА, пренесуваат регионалните медиуми.
Досега нема потврда за тврдењето од Соединетите Американски Држави за оваа информација.
Иранската државна телевизија „Прес ТВ“ објави видео во кое се тврди дека вооружените сили лансирале ракети кон американскиот носач на авиони, додека државната новинска агенција ИРНА се повикува на воени претставници кои велат дека операцијата е извршена успешно.
Според ИРНА, командантот на иранската морнарица, контраадмиралот Шахрам Ирани, изјавил дека движењата на американскиот носач „УСС Абрахам Линколн“ се постојано следени.
Непријателскиот носач на авиони е под постојан надзор и ќе биде цел штом ќе влезе во дострелот на нашите ракетни системи, изјавил Ирани.
Државните ирански медиуми, исто така, објавија дека кон американската ударна група на бродови биле испукани ракети, што, според нив, го принудило носачот на авиони да ја смени позицијата.
Соединетите Американски Држави сè уште не ги потврдиле иранските обвинувања, а исто така нема и независна потврда за нападот, пренесува хрватскиот порталот ТПортал
Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ е еден од клучните бродови на американската морнарица и припаѓа на класата „Нимиц“, најголемата и најмоќната група носачи во светот. Влезе во употреба во 1989 година и е именуван по 16-тиот претседател на Соединетите Американски Држави.
Станува збор за носач на нуклеарен погон, што значи дека може да работи со години без потреба од полнење гориво. Долг е повеќе од 330 метри и може да носи околу 60 авиони и хеликоптери, вклучувајќи борбени авиони, извидувачки авиони и хеликоптери за борба против подморници.
Поради својата мобилност и огнева моќ, се смета за еден од главните инструменти на американското воено присуство во светот.




