Специјалното јавно обвинителство, како што најави вчера, поднесе жалба против решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје со кое е одбиено барањето на СЈО за копии на списи и електронски докази.
– Во жалбата укажуваме дека со обжаленото Решение првенствено сторена е суштествена повреда на одредбите на Законот за кривична постапка (ЗКП) во смисла што решението надвор од главната расправа го донел судечкиот совет, наместо да го донесе совет од 3 судии, согласно членот 25 став 5 од ЗКП, појаснува СЈО во соопштението до медиумите.
Од СЈО во жалбата е укажано и дека тие барале докази кои воопшто не се класифицирани, како и докази кои се декласифицирани а Судот не ги доставил, туку во целост го одби барањето, повикувајќи се на обврската за чување класифицирани информации, иако таква обврска за овие докази очигледно не постои.
– Во жалбата се повикуваме и на законските и подзаконските акти кои ја регулираат материјата за класифицираните информации и тоа Законот за класифицирани информации и Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации, каде меѓу другото е предвидена можноста за репродукција и пренос на класифицираните информации за корисниците на класифицирани информации (јавните обвинители во ова Јавно обвинителство кои поседуваат безбедносни сертификати со степен на доверливост Државна тајна), кои прописи доколку Судот ги примени во никој случај нема да ја повреди обврската за чување на класифицирани информации, објаснува СЈО.




