Денеска во хотелот „Александар Палас“ во Скопје ќе се одржи 31. Конгрес на Социјалдемократски сојуз на Македонија, каде што делегатите ќе разгледуваат актуелни партиски и политички прашања, ќе се дискутира за резултатите од последните локални избори и ќе се утврдуваат идните политики на партијата. На конгресот ќе има отворен и работен дел, а централно обраќање ќе има претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кое медиумите ќе можат да го проследат во целост.
Во последните неколку дена пред најавениот конгрес, политичките превирања во СДСМ не стивнаа. Филипче, на прес-конференција, истакна дека нема намера да се повлече од функцијата и дека неговата главна цел е продолжување на напорите за борба против корупцијата, економскиот и социјалниот развој и враќањето на земјата на европскиот пат. Тој ги опиша критичарите од редовите на поранешни функционери како лица што, според него, „биле уценети или купени“ и нагласи дека вистинските членови и поддржувачи на СДСМ ги препознаваат овие обиди за отслабнување на партијата.
Потпретседателката на партијата, Јована Тренчевска, пак, во интервју изрази уверување дека конгресот ќе биде успешен и дека мнозинството делегати ќе присуствуваат, што според неа е потврда за внатрешното единство и желбата за континуитет на работата на партијата.
На дневниот ред се очекува да бидат и точките за анализа на политичките активности на СДСМ во претходниот период, позиционирање кон предстоечните парламентарни избори, како и зацртување на приоритетите за следниот период, вклучително и предлози за нови политики кои треба да одговорат на економските и социјалните предизвици пред граѓаните.




