Шеесетгодишно лице од Скопје дури во декември минатата година успеа да добие македонско државјанство по донесување на измените и дополнувањата на законските одредби кои го регулираат стекнувањето на тоа право и Решението од Министерството за внатрешни работи за негов прием во државјанството на Македонија. Ова е само еден од неколкуте случаи кои се наведени во годишниот извештај на Народниот правобранител за 2021 година што беше презентиран претладнево.

„Иако сите членови од неговото семејство имаат македонско државјанство, само тој од неговото раѓање мораше да биде пријавуван како странец и со таков статус да го регулира својот престој. Негативното мислење на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, па и на сегашната Агенција за национална безбедност, поврзано со безбедносниот аспект, секогаш претставуваше пречка за неговиот прием“, се вели во образложението на причините за случајот.

Веднаш по донесување на измените на Законот за државјанство во јули во 2021 година, Народниот правобранител го советувало лицето да аплицира за утврдување, односно констатирање на државјанство.

„Лицето беше советувано да доставува дополнителни докази во Министерството за внатрешни работи дека во 1991 година живеело во Скопје и дека поседувало валидна лична карта и патна исправа, документи што биле издадени од тогашните надлежни институтции. На граѓанинот му беше објаснето дека во новата постапка не треба исполнување на условот поврзан со безбедносниот аспект“, се нагласува годишниот извештај на Народниот правобранител.