Раководството на Градскиот трговски центар продолжува со постапката за поставување барокна фасада на овој објект во центарот на Скопје, јавува дневниот весник Вест
Директорот на ГТЦ, Аго Абазовски во изјава за „Вест“ тврди дека летово ќе почне реконструкцијата на трговскиот центар. Тој наведува дека не постои никаква законска пречка за доградба и обнова на фасадата на ГТЦ.
Врз основа на избраното идејно решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, во моментов се работи на изведбениот проект кој треба да биде готов за шест месеци. По комплетирањето на проектната документација, ќе се распише тендер за избор на градежна компанија што ќе го реализира градежниот зафат.
Раководството на ГТЦ на крајот од мај минатата година го избра идејното решение за реконструкција и доградба на објектот. Идниот „барокен“ комплекс ќе чини неколку милиони евра, а со замислата на победничкиот архитектонски труд е предвидена изведба на три куполи и десетици антички столбови.
Последниот кат од ГТЦ ќе добие тераса со бројни скулптури. На ваквата идеја се спротивстави Асоцијацијата на архитекти на Македонија, неколку невладини организации, но и Општина Центар. Изворот на финансиите за овој проект засега останува непознат. Според објавените информации на Македонската берза, нето добивката на А.Д. Градски трговски центар за 2012 година изнесувала само 811.492 денари, пишува порталот Билд.




