Британската полиција денеска го уапси основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во Амбасадата на Еквадор во Лондон.
Скотланд Јард соопшти дека бил поканет во Амбасадата од страна на еквадорскиот амбасадор, откако неговата земја го укинала азилот на Асанж, јави Би-Би-Си. Тој ќе остане во притвор во централната полициска станица во Лондон, додека да се појави во судот на Вестминстерски Магистрати „што е можно побрзо“, се додава во соопштението.
Претседателот на Еквадор, Ленин Морено изјави дека го укинал азилот на Асанж поради неговите постојани прекршувања на меѓународните конвенции, додавајќи дека Британија нема да го испорача Асанж во земја каде има смртна казна.
-Велика Британија гарантираше дека основачот на Викиликс Џулијан Асанж нема да биде испорачан на земја каде законот предвидува смртна казна, изјави денеска претседателот на Еквадор Ленин Морено по апсењето на Асанж во еквадорската амбасада во Лондон.
– Согласно нашата силна посветеност на човековите права и меѓународниот закон, побарав од Велика Британија да гарантира дека Асанж нема да биде испорачан на земја каде би бил изложен на тортура или да биде соочен со смртна казна, изјави Морено во видео објавено на Твитер.
-Британската Влада го потврди тоа писмено, согласно нивните одредби, истакна Морено.
Викиликс на Твитер објасни дека Еквадор нелегално дејствувал при укинувањето на политичкиот азил на Асанж „и го прекршил меѓународното право“.
Секретарот за надворешни работи Џереми Хант и се заблагодари на Владата на Еквадор за соработката во врска со апсењето.
Хант на Твитер напиша дека Асанж не е „херој“ и оти „никој не е над законот“.
Министерот за внатрешни работи Саџид Џавид на Твитер потврди дека Асанж сега е во полициски притвор и се соочува правдата во Велика Британија.
Министерот за надворешни работи на Велика Британија Алан Данкан, рече дека апсењето следувало по „обемен дијалог“ меѓу Велика Британија и Еквадор.
Асанж (47) одби да ја напушти Амбасадата, тврдејќи дека ќе биде екстрадиран во САД за сослушување во врска со активностите на Викиликс. Во 2010 година, САД издадоа потерница по него под обвинение за објавување доверливи информации, по што Асанж замина во Шведска, каде побара азил. Меѓутоа, набрзо во Шведска беше обвинет за силување, но Обвинителството се откажа во 2017 година.
Но, Швеѓанката која го обвинува основачот на Викиликс за силување, ќе побара повторно отворање на тој случај пред шведското правосудство.
Адвокатката Елисабет Маси Фриц изјави дека нејзината клиентка го чекала апсењето на Асанж и на тоа се надевала уште од 2012 година. Адвокатката вели дека ќе направи сè за повторно отворање на случајот со цел Асанж да се испорача на таа земја за да му се суди за силување.
Сноуден: Ова е мрачен момент за слободата на печатот
Поранешниот американски разузнувач и „свиркач“ Едвард Сноуден оцени дека апсењето на Асанж претставува „мрачен момент за слободата на печатот“ .
-Фотографиите од еквадорскиот амбасадор кој ја повика британската тајна полиција во Амбасадата за д аго извлече од зградата издавачот, дали тоа ви се допаѓало или не, наградуван за новинарство – ќе заврши во учебниците по историја. Критичарите на Асанж може да се радуваат, но ова е мрачен момент за слободата на печатот, напиша Сноуден на Твитер, кој е во азил во Русија од 2017 година.
Тој потсети дека Обединетите нации соопштиле дека неговото апсење би претставувало кршење на човековите права и побараа да му се овозможи да се брани од слобода.




