Синдикатот на Културата на Република Македонија, по извршените консултации со своето членство, се спротивставува на предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на вработените во јавниот сектор, локалната самоуправа и државните институции, каде при одење на работно место треба да прикажува потврда за примена најмалку една вакцина или негативен ПЦР тест направен на сопствен трошок.
– Како Синдикат кој се грижи за здравјето на своите вработени, ние не сме против вакцинирање. Тоа го покажавме уште на 5 март 2021 со дописот до нашето ресорно Министерство и Министерството за здравство кога реагиравме и побаравме вработените во културата да бидат ставени на приоритетна листа за вакцинација, со што сметавме дека ќе се овозможи нормализирање на работата на институциите од културата. Сепак, сметаме дека вакцинирањето треба да биде личен избор. Препорака и сугестија за вакцинирање мора да има, но без условување и не по секоја цена, велат од синдикатот на Културата.
Вакцинирањето, како што додаваат, не смее да биде наметнато со мерки кои се косат со одредбите од Уставот, особено во членовите 9, 10, 11,16 и 32, законите на РСМ (Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за спречување и заштита од дискриминација), Резолуцијата бр.2361 на Советот на Европа (точката 7.3.1) донесена на 27.1.2021, како и европската и светската конвенција за работнички права.
– Имено, Уставот на РСМ гарантира слобода на избор и недискриминација по било кој основ, слобода на право на избор, како и право на работа и соодветна заработувачка. Условувањето за остварување на работниот процес, преку барање на сертификат или негативен пцр-тест, директно се коси со Уставот на РСМ. Како понудена варијанта на вакцинирањето, сметаме дека е неприфатливо трошокот на пцр-тестирањето условено да паѓа на трошок на вработените, особено поради фактот дека платите во културата кај поголемиот број вработени, се движат во рамките под просекот, што би значело директен удар врз финасиската состојба на вработените, додаваат од синдикатот.
По тој основ, СКРМ очекува дека овие мерки од страна на Владата ќе бидат повлечени или корегирани и дека Владата ќе донесе мерки кои нема да се дискриминаторски и ќе се однесуваат на сите граѓани на државата. Во спротивно, СКРМ ќе ги искористи сите механизми за правна заштита на своите членови.