Пратеничката Славјанка Петровска по завршувањето на 31 конгрес на СДСМ на социјалните мрежи информираше дека се отвориле тешки но неопходни прашања за иднината на партијата. Таа посочи дека после два сериозни изборни порази, молкот и избегнувањето на суштинска дебата повеќе не се опција.
Особен акцент беше ставен и на значењето на критичката мисла, која, како што порача Петровска, е суштинска одлика на социјалдемократијата и не смее да биде задушена. За да се расчистат дилемите околу мотивите и намерата на критиките во партијата, таа предложила воведување политички ветинг за сите сегашни и поранешни носители на јавни и партиски функции, како и за членовите на раководството.
Целта, според неа, е да се спречат јавни пресметки и непримерни објави „едни против други“, кои дополнително ја разоруваат партијата и ја оддалечуваат од граѓаните.
Таа предупреди дека социјалдемократијата како идеја е жива, но дека без вистинска промена во начинот на функционирање, СДСМ ризикува постепено да биде маргинализиран, а во крајна линија и целосно да исчезне од политичката сцена.
Извор: Слободен печат.мк




