Првата програма на јавниот сервис МТВ1, телевизиите Сител, Канал 5 и Алфа најголем дел од информативните содржини одвоиле за некритичко презентирање на проектите на Владата, како и за презентација на претседателот на владејачката партија Никола Груевски, се вели во Извештајот од следењето на медиумските содржини кој го подготвува Институтот за комуникациски студии.
„Новинарството ја губи функцијата на чувар на јавниот интерес и неутрален и дистанциран критичар: наместо да го штити интересот на граѓаните тоа се претвора во информативна пропаганда на партијата на власт.“
Најмногу ТВ содржини во информативните програми биле посветени на проектот „Купи куќа за млади“ и на отворањето нови работни места во странските инвестиции додека активностите на опозицијата или не се пренесуваат или се пренесуваат во крајно негативна конотација. Извештајот се осврнува и на интервјуто на претседателот на СДСМ Зоран Заев во дневникот на Сител каде што водител беше Драган Павловиќ-Латас.
„Одлуката Заев да биде гостин на Сител телевизија беше најпарадигматичен настан за овој феномен, бидејќи во вестите на Сител се води најжестока анти-кампања против опозицијата и нејзините претставници. Од начинот на кој беше водено интервјуто можеше јасно да се види дека се работи за поинаква стратегија, која има за цел само да создаде лажна слика за отвореноста на овие медиуми кон опозициските претставници, а всушност има намера да ги дискредитира и демонизира пред јавноста.“
Извештајот констатира и оркестрирани медиумски пресметки со неистомислениците на власта, а како тавки во вестите ги посочува Специјалната обвинителка Катица Јанева и белгискиот посредник во преговорите, Питер Ванхауте.
Третиот Извештај од следењето на медиумските содржини се однесува на периодот од 6 февруари до 4 март 2016 година.




