Следниот конфликт помеѓу НАТО и Русија би можел да биде токму на Балканот, пишува американската агенција Блумберг, анализирајќи го Акцискиот план за членство на БиХ во НАТО.

Според Блумберг, поголемиот дел од Србите во Босна и Херцеговина, на чело со Милорад Додик, остро се спротивставуваат на членството на таа земја во НАТО, за разлика од муслиманите и Хрватите кои посакуваат поблиски односи со Алијансата.

Минатата недела министрите за надворешни работи на НАТО повторно ја активираа програмата што беше во мирување една деценија – Акцискиот план за членство на БиХ во НАТО. Со тоа НАТО покажува дека сака да го намали руското влијание врз овој дел од Европа. Како што се објаснува во текстот, откако Алијансата ја прими Црна Гора во своето членство, таа “фрли око” на БиХ, земјата во која ја започна својата прва борбена операција во 1995 година.

Но, сето тоа, предупредува Блумберг, може да го зголеми ризикот од засилување на етничките тензии во БиХ.

Додик, лидерот на Србите од Босна и близок со Путин, изјавил дека нема да поддржи “ништо што значи какво било вклучување кон воени сојузи, НАТО или нешто друго.” Од друга страна, бошњачкиот член во Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, рече дека членството во НАТО е меѓу „најважните надворешно-политички цели“.

Како што наведува Блумберг, со него е согласен и хрватскиот член на Претседателството Жељко Комшиќ, кој изјавил дека членството во Алијансата е приоритет, потсетувајќи дека во 2009 година такво нешто поддржал и српскиот член на претседателството, Небојша Радмановиќ.

Но, според Додик, геополитичката ситуација денес е сменета.

Во својот текст, Блумберг оценува дека противењето на Додик за поблиски односи со Алијансата има историски причини и потсетува дека во текот на последната година од војната, НАТО ги бомбардираше силите на босанските Срби во Босна, по злосторствата во Сребреница, а ја бомбардираше Србија во 1999 година.

Агенцијата потсетува дека рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, претходно овој месец ги обвини НАТО и ЕУ дека ги интензивираат своите напори да го освојуваат регионот и оти даваат лажна слика дека земјите мора да бираат помеѓу Русија или Западот.