Шеф на словенечкиот Директорат за туризам и интернационализација, задолжен за странски инвестиции, Марјан Хрибар, ја советува македонската влада, пишува љубљански „Дневник“.

Во текстот со наслов „До пладне води директорат, попладне советува“, деловниот дневник „Финанце“ пренесува дека Хрибар минатата година заработил 16 илјади евра бруто, за што неговиот претпоставен, министерот Радован Жерјав, немал поим.

Хрибар вели дека понудата за соработка му стасала од претседателот на македонската влада, Никола Груевски. Тие се сретнале пред две години кога Хрибар бил претставник на Европската комисија при Светската туристичка организација.

„Таму ме повика на соработка“, објаснува Хрибар. Тој, како што истакнува, Скопје го посетува на два месеци, кога македонската влада расправа за туризмот.

Љубљански „Дневник“ во написот вели и дека Хрибар нашол време да ја советува македонската влада додека Словенија има потешкотии да привлече странски инвестиции, работа за која е задолжен токму Хрибар.