Словенија покрена обвинение против поранешниот европратеник Зоран Талер за земање на поткуп.
Обвинението се однесува за аферата од 2011 година, кога се појавија сомневања дека неколку пратеници во Европскиот парламент земале поткуп во замена за изгласување на некои предлог-закони во Парламентот.
Британскиот весник „Сандеј тајмс“ тогаш објави разговори, направени тајно од новинари на весникот, кои се претставиле како лобисти на меѓународни корпорации и им понудиле поткуп на неколку европратеници, меѓу кои и Талер. По ова Талер поднесе оставка на инсистирање на тогашниот премиер Борут Пахор.
Поранешниот европратеник Талер тврди дека овој случај бил медиумска провокација и дека не земал поткуп, пишува денеска љубљанскиот весник „Дело“.