Случајот со десетгодишниот Леон Рапоски кој предизвика бура во јавноста откако беше објавено дека бил врзан со јаже за кревет во Бања Банско, е жртва и на погрешна дијагноза, ексклузивно за НОВА тврдат извори од Јавната установа „Топанско поле“. Ваквото тврдење е поткрепено и од страна на директорката на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска.
Осум стручни лица ставиле потпис на наодот во кој се вели дека Леон има физичка и психичка попреченост и е со телесен инвалидитет во тешка фирма. Но, реалната слика е поинаква.Леон е темпераментно момче, трча, скока, сака да се гушка и милува и плени со својата насмевка. Досега никој го нема научено да го користи знаковниот јазик, па затоа со вработените и другарчињата во Заводот се разбира со мимики и гестови.
НОВА дознава дека Хелсиншки Комитет ќе покрене кривични пријави против лицата кои учествувале во измачување на малиот Леон, но и против докторите кои го потпишале наодот кој не соодвествува со реалната психофизичка состојба на детето.
.jpg)
Извори на НОВА од Јавната установа „Топанско Поле“ тврдат дека министерот за труд и социјална политика Диме Спасов лично сугерирал детето од Бања Банско да се префрли во Заводот за заштитa и рехабилитација на деца младинци во Топанско Поле – Скопје и покрај тоа што и двете институции не се надлежни за ваков случај и не располагаат со стручен тим од толкувачи кои би го научиле Леон на знаковниот јазик.
Директорката на Центарот за социјални работи од Битола- Виолета Гаџовска ја избегнува одговорноста за погрешното сместување на Леон, упатувајќи ја екипата на НОВА да се обрати во Министерството за труд и социјална политика.
Редакцијата на НОВА веќе втора недела по ред бара средба со министерот и одговор на прашањето зошто е издадена непостоечка дијагноза за десетгодишното глувонемо дете. Оттаму одговор нема.
Од Хелсиншкиот Комитет кои исто така го посетиле Леон во Заводот остро реагираат веднаш да биде извршена рекатегоризација со која точно ќе биде утврдена неговата здравствена состојба и ќе му се овозможи соодветна грижа и нега.
-За ваквата состојба, одговорност треба да преземе Центарот за социјални работи – Битола, кое го водело случајот на малолетното дете. Во делот на тортурата, сметаме дека јавното обвинителство треба веднаш по службена должност да постапи и да го истражи конкретниот настан на нечовечки и нехуман третман и да покрене обвинение против сторителите, но и одговорните лица во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско, велат од Хелсиншки Комитет.
И додека тече институционална препирка, Леон веќе полни 10 години и досега по трет пат го менува живеалиштето. Од Хелсиншки велат дека треба да се покрене постапка за утврдување на одговорност на страната на докторите за несовесно вршење на работата и работните задачи.
За случајот со тортурата врз глувонемото дете кое беше врзувано со јаже во Бања Банско, јавноста дозна од годишниот извештај на Народниот Правобранител Иџет Мемети, кој после осум месеци од евидентирањето, случајот го обелодени во јавноста.
Леон две години беше сместен во Бања Банско по желба на Центарот за социјални работи од Битола. Иако му е издадена диајгноза за церебрална парализа, Мемети евидентирал дека детето било врзано со завој, за да не бега. Од 25. април Леон е сместен во Јавната установа во „Топанско поле“ во Скопје, каде што се уште престојува.




