Судењето „Кампања“ за Љубе Бошковски се враќа на повторно судење, 10 години по апсењето пред ресторанот „Воденица“, под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања. Од Кривичниот суд соопштуваат дека Кривичниот совет постапувајќи по барање на одбраната на Бошкоски, го уважил барањето за повторно судење на предметот.

„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по барање на одбраната на Љ.Б. претходно осуден во предметот во јавноста познат како „Кампања“, го уважи барањето за повторно судење на предметот. Претходно, за барањето за повторно судење, а согласно и пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, добиено е позитивно милење од надлежниот јавен обвинител по што е уважено барањето, за кое странките не вложиле жалба пред Апелациониот суд и истото е веќе правосилно“, соопшти Кривичниот суд.

Еден од аргументите на адвокатскиот тим на Бошковски е пресудата на судот од Стразбур донесена на 4 јуни лани со која беше констатирано дека на Бошковски му биле прекршени правата на фер судење во однос на повикувањето и испитувањето сведоци.

Бошковски беше осуден на пет години затворска казна која ја одлежа во „Идризово“. За неговото апсење односно нечовечкото постапување на полицијата при неговото апсење, во Кривичен се води предметот „Тортура“, а меѓу обвинетите е и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.