Никако да почне судењето на Перо Панов, таткото на кавадаречкиот градоначалник Александар Панов, обвинет за насилство и нанесување тешка телесна повреда. Се одложи и денешното рочиште во судот во Кавадарци.
Судијата Лазар Нанев, кој штотуку го беше добил предметот од својата колешка која замина во пензија, објави дека поради барање на обвинетиот, бил изземен од случајот. На прашење на Нова со кое образложение се случило изземањето, тој креваше раменици и кусо кажа дека тужениот Панов се соменвал во непристрасноста на Нанев.
Кавадаречката чаршија раскажува дека судијата Лазар Нанев и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов не биле во најдобри односи, па најверојатно поради тоа обвинетиот барал изземање. Друга можна причина е и далечната роднинска врска која судијата Нанев, наводно ја имал со браќата Милкови, кои се оштетени во овој случај.
Но, според адвокатката на обвинетите ова не се причини поради кои судот би требало да го прифати барањето на обвинетиот Панов.
Таткото на кавадаречкиот градоначалник е на обвинителна клупа, откако неговиот сограѓанин Методи Милков му поднесе тужба за нанесување тешка телесна повреда. Пред два месеци Нова ја објави приказната на браќата Милкови од Кавадарци, кои тврдат дека во декември лани, Перо Панов прво го претепал со дршка од пиштол Методи, а потоа со пиштол му се заканувал и на неговиот брат Панче.
На претпоследното рочиште, кое се одржа пред месец и половина, сега веќе пензионираната судијка Мирјана Томиќ не му дозволи на репортерот на Нова да присуствува на судењето, иако тоа е јавно. Овој пат, репортерот на Нова немаше проблеми околу следењето на рочиштето.




