Денешното рочиште за настаните од 27 април продолжи со презентирање на видео снимки од безбедносната камера во Собранието, кое го снимала холот пред влезот во прес центарот, каде што се случи насилството врз пратениците, но и ходникот низ кој се оди кон кабинетот на Трајко Вељаноски.
На една од снимките се гледа како специјалните полициски единици влегуваат во Собранието и фрлаат шок бомби, во правец кон кабинетот на Вељаноски, по што целиот хол потонува во чад.
Десетина минути по шок бомбите следуваат и неколку експлозии, по што две медицински лица, со бели мантили и торби, со трчање влегуваат во просторијата.
Според впечатокот од снимката евакуацијата траела долго, а почнува околу 21.20 часот.
Од снимката пред холот Длаборез, кај што е кабинетот на претседателот на Собранието, се гледа дека до последно, толпата не влегува во кабинетот. Кај неговата врата има стотици луѓе, а нема полиција. Дури и началникот на неговото лично обезбедување, Горан Ѓошевски – Леви, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, не е пред кабинетот, туку два часа во малиот ходник до вратата на Вељаноски, ги пречекува и зборува со обвинетите насилници кои пред неговите очи ги ставаа фантомките и трчаа кон прес- салата.
Пред да интервенираат специјалците, Леви стои на истото место, што е токму под собраниската камера и цело време зборува со некого на мобилниот телефон.Дури по 21.30 часот обвинетиот Горан Ѓошевски влегува и излегува неколку пати во крајната десна врата од малиот ходник, која што е поврзана со кабинетот на претседателот на Собранието. По неколку влегувања, оттаму излегува со непознато лице со радиоврска во раката.




