Со настапот на Даниел Кајмакоски, главната музичка ѕвезда на првата вечер, во Прилеп ќе стартува дванаесеттото издание на фестивалот на пивото и скарата „Пиво фест“.
Од денес па сѐ до недела, на површина од 4.628 м² на љубителите на пивото ќе им стојат на располагање 32 штанда, на кои своите производи ќе ги понудат неколку домашни и странски пиварници, како и познати угостителски куќи. Опфатот на кој ќе се одржува годинешниот „Фестивал на пивото 2014“, ќе има вкупна површина од 20.562 м².
За авантуристички настроените посетители од другите градови кои во градот под Марковите Кули планираат да останат повеќе од еден ден, обезбедено е бесплатно кампување во Паркот на Револуцијата. Затоа пак ќе се наплаќа паркингот, услуга за која сопствениците на автомобили ќе треба да издвојат по 100 денари.
.jpg)
За разлика од оптимизмот на организаторите, угостителите со прилична доза на резервираност го пречекуваат годинешниот фестивал на пивото. Причина за нивниот скептицизам се нестабилното време, музичката понуда, како и минатогодишното искуство.
„Во споредба со другите години, лани фестивалот имаше послаба посетеност, што секако се одрази на прометот кој го направивме. Се плашам дека годинава може да биде уште полошо, бидејќи нема големо музичко име од типот на Цеца, Северина, Здравко Чолиќ или Лепа Брена, кои се „магнет“ за привлекување гости од другите градови“, со видлива загриженост зборува познат прилепски угостител.
Што се однесува до музичкиот дел, оваа година на „Пиво фест“ ќе доминираат претставниците на забавната музика.
Покрај Даниел, во следните денови на големата фестивалска бина ќе настапат Тијана, Тамара, Владо Јаневски, Жаре Бербер, „Guru Hare Bend“ и Игор Џамбазов, кој воедно ќе биде и водител на „Пиво фест 2014“.
Од бившите ЈУ простори, на љубителите на пивото ќе им пеат „Хладно пиво“, Тони Цетински, Јелена Розга, Маид Хечимовиќ и Емина Јаховиќ. Покрај Ефто Пупиноски, честа на „народњаците“ ќе ја брани и Жељко Самарџиќ, чиј настап ќе го означи крајот на „Пиво фест 2014“.




