Фото: Радио МОФ
Речиси три часа трае дебатата помеѓу претставници од Ректоратот на УКИМ, Министерството за образование, претставници на Студентскиот и Професорскиот пленум и СПУКМ. На средбата учествува и министерот за финансии, Зоран Ставрески, јавува репортерката на НОВА, Славица Филиповска.
Се уште не се знае колку време ќе трае дебатата на која освен Ставрески се и министерот Абдулаќим Адеми, потоа студентите Стефан Видиков и Ивана Туфекџиева, како и професорката Гордана Силјановска од Професорскиот пленум.
На средбата за реформите во високото образование, иницирана од ректорот Велимир Стојковски, учествува и заменик министерот за образование Спиро Ристовски, какои и претседателот на Студентскиот Парламент Кирил Спироски.
Денеска е девети ден од окупацијата на сите факултети на УКИМ, а студентите велат дека немаат намера да попуштат се додека власта не им даде цврста гаранција дека сериозно ги разгледува нивните барања.
Тие бараат да се потпише спогодба помеѓу Интеруниверзитетската конференција и Министерството за образование и наука која ќе опфаќа: загарантирано учество на Студентскиот пленум во изработката на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи. Формирање на работни групи во кои членовите од Студентскиот и Професорскиот пленум ќе бидат рамномерно застапени, како и рокови за изработка на прв и втор Нацрт на законот.
Освен блокада на редовната настава, студентите спијат во студентските автономни зони на Филозофскиот, Машинскиот, а од вчера и на Архитектонскиот факултет. Вечерва, за првпат студентите ќе преспијат и на Градежен факултет.
Екипата на НОВА останува на терен да го проследи исходот од денешната средба.




