Со еден пораз, една нерешен натпревар и една победа, Македонија викендов влегува во втората фаза од Европското првенство во ракомет во Данска. Македонија влезе во група со Шпанија, Данска, Исланд, Унгарија и Австрија, пренесувајќи два бода, а следуваат нови три меча против Унгарија (во сабота), Исланд (во понеделник) и Шпанија (во среда).
Унгарците во втората фаза се пласираа без ниту една победа, а нивниот учинок се две нерешени средби и еден пораз. Карактеристично за Унгарија е што според статистиката, станува збор за најгрубата екипа на ова првенство.
Воедно, на листата на ферплеј, Унгарија се наоѓа на последното место со дури 19 исклучувања на три одиграни натпревари, еден црвен картон и десет жолти. За разлика од нив, Македонија е на високото четврто место со 12 исклучувања, со 9 жолти картони и без ниту еден црвен.
Кире Лазаров во втората фаза влегува како најдобар стрелец на првенството, со 27 гола и ефикасност од 53%.
– Направивме огромен успех. Момците играат од срце и покажаа силен карактер. Наспроти сите проблеми со кои се соочивме, овие ротации што ги правиме се алхемија. Успеавме не само да се пласираме во вториот круг, туку и да пренесеме два бода. Го имавме и тоа зрно среќа на крајот, но среќата ги следи храбрите – изјави селекторот Ивица Обрван, по победата на Австрија со резултат 22-21.
Она што е значајно за македонскиот состав е дека селекторот Обрван сега ќе може да смета и на Немања Прибак, кој се стекнува со право за настап за Македонија, точно три години откако го одигра последниот официјален натпревар за Србија на Светското првенство во Шведска.




