Со македонскиот пасош може да се патува без виза во 124 држави во светот, што го позиционира на 33-то место на листата според индексот на патни исправи „Артон Капитал“, со кој се опфатени патните документи на 193 земји членки на Обединетите Нации, плус на Ватикан, Косово, Тајван, Макао, Хонг Конг и палестинските територии.

Според овој индекс, Србија е на 25 место бидејќи нејзините граѓани можат да посетат 134 земји без визи, Црна Гора го дели 33-то место со земјава со можност за патување без визи во 124 држави, Босна и Херцеговина е на 41 место, со чиј пасош може слободно да се влезе во 116 земји, а Косово е на 82 место.

Јапонија, Сингапур и Јужна Кореја се трите земји со „најмоќни пасоши“, бидејќи нивните граѓани можат да патуваат во сите земји во светот без виза.

Земји со „најмоќни пасоши“ во Европа се Германија и Шпанија, со чии патни исправи може да се патува без виза во 190 држави, а потоа следат Финска, Италија и Луксембург со „слободен влез“ во 189 земји.

Австрија, Данска, Холандија и Шведска го делат петтото место, додека Франција, Ирска, Португалија и Велика Британија го делат шестото место. Нов Зеланд и САД се на седмото, веднаш по нив како осмопласирани се Белгија, Норвешка и Швајцарија.

Граѓаните на Авганистан повторно се на дното на листата со најслаб пасош, бидејќи можат да патуваат само во 27 земји откако ќе поднесат барање за виза.