Додека внатре со собраниската сала тече седница на тема пратенички прашања, пред парламентот и граѓаните поставуваат прашања, за кои велат ова се вистинските прашања на кои одговор треба да даде премиерот Груевски.

Како и секој последен четврток во месецот секогаш на дневен ред се прашањата од пратениците, но на денешната седница присуствуваат само претставници од владеачките партии кои бараат одговори од претставниците на Владата.

Во Граѓанскиот парламент пред Собранието што го иницираше Здружената опозиција учествуваа и аналитичари и граѓани. Прв прашања до Владата постави Дане Талески, притоа велејќи дека Велјановски треба да каже кој даде наредба да се исфрлат пратениците.
Новинарот Петрит Сарачини, потсети на катастрофалниот пад во слободата на медиумите во извештајот на „Репортери без граници“. 

„Кога ќе преземете нешто, медиумите да не бидат донатори на партиите, кога ќе направите новинарите да бидат заштитени, кога ќе направите нешто новинарите да не седат во скутови на политичарите“, овие прашања Сарачини му ги упати на премиерот Никола Груевски.

Ако проектот „Скопје 2014“ придонесува да работи и се развива македонското градежништво како тогаш индустриското производство паѓа 16 месеци по ред? Каков реформатор и втора, трета земја според „Doing business“ е Македонија праша професорот Ванчо Узунов.

Во стилот на квизот „Милионер“, универзитетскиот професот Мимоза Ристова постави прашања до премиерот Груевски.

Прашање за милион долари за Груевски, роднините и пријателите:

Кога ќе си одите?

А) Утре

Б) Задутре

В) За 3 дена, или на 4.февруари да распишете вонредни парламентарни избори