Собранието на денешната седница ќе ја констатира оставката на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески поднесена вчера, по што ќе го именува неговиот наследник во финансии Кирил Миновски, актуелен директор на Управата за јавни приходи.

– Предлагам Собранието на РМ на првата наредна седница да ја констатира оставката на Зоран Ставрески. На истата седница предлагам Собранието на РМ да го избере Кирил Миновски кој ќе раководи со Министерството за финансии, се наведува во дописот од Димитриев до Собранието.

Во биографијата на Миновски се наведува дека тој има 17-годишно искуство во областите: финансии, управување со промени, проектен менаџмент и човечки ресурси.

Тој има и 13-годишно искуство во една од водечките светски консултантски компании „Буз Ален Хамилтон“ во имплементација на повеќе донаторски проекти на УСАИД во делот на градење и развој на институциите на Република Македонија во економската сфера и создавање на поволно деловничко работење.

Пред директорското место во УЈП, Миновски раководеше до Државниот пазарен инспекторат.

На денешната седница ќе биде изгласана и промена на заменичкото место во МНР. На местото на досегашната заменик министерката  Драгана Кипријановска, Димитриев го предлага Илија Исајловски, дипломат од кариера.

Последниот ангажман на Исајловски е амбасадор на РМ во Монголија, претходно во Виетнам, а бил амбасадор на земјава во ДНР Кореја и НР Кина. Во 2014 година бил директор на Директоратот за меѓународно право во МНР. Подолго време поминал во Украина како прв секретар во Амбасадата на РМ во Украина, вршител на должност амбасадор и амбасадор.