Пратениците на собраниска седница денеска ги изгласааа предлог-измените на Законот за азил. Измените се усвоија со 69 гласа „За“ и ниту еден против.
Според информации на невладината „Легис“, за примена на Законот треба да се чека седум дена, меѓутоа во пракса веќе им се дадени интрукции на полицајците и скоро сите мигранти кои денеска транзитираат низ земјава се качуваат во возовите.
Новите измени предвидуваат мигрантите кои ќе ја поминат границата за 72 часа или да ја напуштат Македонија или да побараат азил од првиот полицаец што што ќе го сретнат, а за време на нивниот престој ќе имаат право да користат јавен превоз.
Пратеничката Роза Топузовска Каревска вели дека Законот е задоцнет чекор, и тој требало да се донесе многу порано, бидејќи бегалската криза трае со месеци.
-Се случија многу трагедии, 14 луѓе на железничките пруги ги изгубија животите и Македонија е должна да им даде минимум услови по нивниот тежок пат.Јас не сакам да ја споредувам Македонија со другите држави кои се полоши од нас и да креваме ѕидови, но добро е да се пристапи на глобално ниво, да се соработува со соседните земји, вели Каревска.
Според пратеникот од ДУИ Талат Џафери, подобро е законот да се донесе доцна, отколку никогаш, во однос на дебатата дали државата доцни со носењето на измените.
Од министерството за здравство денеска информираа дека донесена е одлука да се вакицинираат сите мигранти кои ќе престојуваат во Македонија, а комисијата за заразни болести подготвува план за имунизација.
Од почетокот на годинава, досега, околу 30 мигранти, главно од Сирија и Авганистан, ги загубија животите во несреќи на македонските пруги.
Медиумите, невладините организации и Народниот правобранител, алармираа за условите во Центарот за странци во Гази Баба, во кој престојуваат околу 500 мигранти, а има капацитет од 100 до 120.




