Со 62 гласа ЗА, без пратениците од опозицијата кои пред почетокот на гласањето ја напуштија салата, Собранието пред полноќ го донесе буџетот за 2021 година.
Власта и опозицијата во текот на расправа, искажаа спротивставени ставови за Предлог-буџетот за следната година.
За власта, Буџетот обезбедува одржливост, рационално трошење и е продолжение на одговорните политики спроведени во изминатиот период. Посочија дека Предлог-буџетот е фокусиран на поддршка на здравството и на економското заздравување.
Опозицијата, пак, смета дека предложениот Буџет е мегаломански и нереален. Со него, како што истакнаа, нема да се обезбеди финансиска консолидација, туку ќе се зголеми јавниот долг кој би достигнал 67 проценти.
Во дополнетиот предлог се содржани 18 амандмани прифатени во текот на расправата пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
Вкупните приходи на Буџетот за 2021 се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари, додека расходите на 247,5 денари. Проектираниот дефицит е 34,9 милијарди денари.