Со 55 гласови „за“ и осум „против“, Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми, по скратена постапка.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски образложувајќи ги измените и дополнувањата рече дека тие се усогласени со еснафските здруженија на новинарите и со нив се изземаат интернет порталите од системските решенија.
– Се согласивме дека интернет порталите не треба да бидат дел од оваа легислатива. Тоа значи дека електронските публикации ќе се бришат од Законот, рече Ивановски.
Појасни дека со измените се предвидува Агенцијата за медиуми да има административен надзор само врз печатените медиуми и тоа врз одредбите за импресум, за заштита на малолетни лица од порнографски содржини и за трансарентност при работењето.
Со измените, како што рече, се допрецизираат и одредбите за именување и разрешување на одговорен уредник.
Опозицијата се спротистави на донесувањето на овој закон нагласувајќи дека тој е непотребен и како таков треба да се повлече.




