Итно донесување на национален план за справување со дијабетес, објавување на регистар на дијабетес за да се има официјална бројка на заболени во државата, но и поголема едукација за превенција од оваа болест побараа денеска на прес-конференција од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.

Според претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Диме Велев, главното барање, поаѓајќи од фактот дека голем од заболени лица со коронавирусот се со дијабетес, е итно да се донесе национален план за справување со дијабетес односно превенција. Како што додаде, планот е готов но треба да се усвои и да се модифицира со пандемијата од Ковид-19.

-Да се објави регистарот со дијабетес, односно да се формира и да се објави затоа што ние немаме официјална бројка колку лица со дијабетес има, имаме само претпоставки, разни информации од разни места. Согласно ситуацијата најсериозната потреба за едукација особено за семејствата со децата до 18 години, бараме под итно да ни се вратат камповите за едукација од превенција од дијабетес и справување со Ковид 19, изјави Велев.

Диме Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари

Велев побара и сите иновативни терапии во следниот тендер кои се регистрирани во државата да имаат можност да бидат набавени во рамките на тоа што е предвидено, да постои можност и најновите инсулини и најновите таблети да бидат достапни до лицата со дијабетес со тоа што, како што рече, ќе има можност секој дијабеталог во државата да го препишува редовно.

Во делот на менаџирањето на дијабетот, Велев потенцира дека во следниот период потребно е сите деца и адолесценти до 18 години да добијат бесплатно, односно на државна сметка да им се доделат сензори во текот на целото време за да се намали боцкањето и стресовите и да можат нормално да почнат да живеат тие деца.

-Исто така, да се вратат сите прегледи итно не само на шест месеци со тоа што сега бараме Министерството за здравство, Комисиите, Националната комисија за дијабетес и Комисијата за заразни болести да ги врати протоколите комплетно особено на неврологија и на офтомотологија бидејќи тука имаме пораст на лица кои имаат потреби за апликација на терапија за спас на вид, а државната офтоматологија не ги аплицира.

Ние бараме тоа веднаш да се регулира, да се вратат барем тие прегледи односно тие апликации. Иако имаме редовна соработка со Министерството за здравство, со клиниките сметам дека овие барања се реални и дека е потребно да се разговара со надлежните, со фондот за здравство национална комисија за дијабетес и клиниките, изјави Велев.

Сојузот на здружение на дијабетичари апелира Министерството за образование и Министерство за здравство да објават посебен протокол за престој, третман и едукација на децата со хронични заболувања, затоа што според Сојузот, не секое училиште и не секој наставник е подготвен да има работа со дете со хронично заболување.

-Во текот на јули бевме во посета на многу градови со сите здруженија, сите родители се исплашени, во паника со многу прашалници, на сите ние е здравјето пред се, затоа очекуваме посебен протокол затоа што не секое училиште, не секој наставник е подготвен да има работа со дете со хронично заболување, рече Велев.

Според Велев, потребно е да се овозможи колку што може онлајн настава, но и да има физичко присуство за она што не може да се совлада онлајн, односно со дополнителни часови. Постои и идеја тие деца да одат како група, односно да бидат третирани посебно, бидејќи како што рече, тие не се многу деца, околу 500 во целата држава.

-Не само за дијабетес, има и други хронични болни деца на кои исто им треба посебен третман. Не мислам на тоа да ги довојуваме, не зборувам за дискриминација. И тие деца треба да бидат интегрирани, но за оние кои се посебно од помала возраст, мора да се внимава, потенцира Велев.