Владата на Република Македонија излегува со проценка дека со новиот закон за обесштетување на стечајните работници, ќе бидат обесштетени околу 3.000 лица.
Самите стечајни работници тврдат дека законските одредби се рестриктивни и дека далеку помалку стечајни работници ќе можат да ги исполнат законските услови за добивање на паричен надомест.
Левичарското движење „Солидарност“ целосно се согласува со стечајните работници дека само исклучително мал број стечајни работници ќе бидат материјално обезбедени со новиот закон и дека условите за стекнување паричен надомест се така дефинирани за да се стекне само привид дека се решава проблемот со стечајните работници.
– На стечајните работници треба и може да им се помогне! Решавањето на нивниот проблем нема да претставува никакво незамисливо оптоварување на државниот буџет!
– Ако на секој стечаен работник треба да му се исплаќа надомест од 7.100 денари месечно во нето износ, тоа би значело дека за него државата треба да издвојува надомест во бруто износ од околу 11.230 денари месечно или 134.760 денари годишно.
– Ако има околу 6.000 стечајци, тоа би значело дека на годишно ниво од буџетот треба да се издвојуваат 808.560.000 денари за нивно материјално обезбедување. Во евра, тоа изнесува околу 13 милиони евра. Сумата што треба да се одвои за бруто износот на надоместоците за стечајците во 2014 година би била само 0,46% од буџетот!, нагласуваат од „Солидарност“.
За решавање на проблемот со старото девизно штедење државата одвојуваше годишно по 52 милиони евра од Буџетот цели 10 години! Вкупно, за тие 10 години од Буџетот на Република Македонија исплатени се 576 милиони евра!
Левичарското движење „Солидарност“ прашува: како е можно на истата оваа држава не и е проблем да издвојува по 52 милиони евра годишно, а и е проблем да издвојува по 13 милиони евра годишно? При поголем буџет сега во споредба со претходната деценија?
Целата анализа што ја изработи Левичарското движење „Солидарност“ можете да ја видите на интернет страница: http://solidarnostblog.wordpress.com/




