Македонија веќе извесно време се наоѓа во длабока политичка криза. Денес, постои закана за нејзино продлабочување и преминување во безбедносна криза, сметаат од Левичарското движење Солидарност.
„Власта, откако го загуби легитимитетот веќе е непредвидлива и опасна. Ние се сомневаме дека наместо за безбедноста на државата и народот, таа се грижи првенствено за зачувување на сопствената позиција и моќ.
Во изминатиов период беа oткриени бројни докази за подлоста и бескрупулозноста на владеачката коалиција, кои меѓу другото се однесуваа на нивната подготвеност да си поигруваат и да ги инструментализираат етничките чувства на граѓаните, само за да ги обезбедат своите позиции.
Со голема недоверба гледаме кон лиферувањето на вестите за наводниот терористички напад во Липковско и се сомневаме во официјалниот дискурс кој побрза да прогласи терористички напад без никаква истрага, и без да даде никакво објаснување. Од друга страна, вестите од теренот говорат за сосема спротивна реалност: во Гошинце е мирно и нема траги од терористички напад.
Граѓаните не можат да му веруваат на она Министерство за внатрешни работи кое, според сопствените признанија, со години работи како партиски штаб, кое самата министерка го нарекува „МВРО,“ кое ја крие смртта на жртвите на полициската бруталност, нелегално прислушкува и следи илјадници граѓани, и помага во уништувањето на сите оние кои ѝ излегуваат на патот на оваа власт!
Осврнувајќи се на политичката криза и можните идни сценарија, Солидарност, пред два месеци предупреди за опасноста од активирање на подземни сценарија заради разгорување на меѓуетнички тензии. Денес, се чини, тие сценарија стануваат реалност“, велат од Солидарност.




