Силна експлозија се случи во раните утрински часови на Божиќ пред филијала на банка во населбата Евсомос во Солун, а од експлозијата биле предизвикани оштетувања на влезот од банката, како и на паркирани автомобили, објавија локалните медиуми.
На местото на настанот веднаш интервенирале припадници на грчката полиција и на Противпожарната служба, кои го обезбедиле и го блокирале поширокиот простор.
Случајот го презеде Одделот за борба против организиран криминал, а на терен се и припадници на Антитерористичката единица и тимот за деактивирање на експлозивни направи -ТЕЕМ.
Експлозијата била толку силна што стаклата на околните дуќани биле целосно искршени.
Претрпевме штета на машини за кои ќе бидат потребни време и пари за да се санираат, изјави сведок.
На прашањето какви информации добила од полицијата, таа рече дека ѝ било кажано оти станувало збор за силен експлозив кој при активирањето предизвикал огромен ударен бран.




