Претседателството на СОНК ја известува јавноста на Република Македонија дека последните информации што ги има во врска со здравствената состојба на тројцата универзитетски професори од Универзитетот “Гоце Делчев“-Штип, кои се веќе 14 дена во штрајк со глад, е крајно загрижувачка и уште еднаш бара надлежните веднаш да ги отстранат причините за оваа состојба, согласно закон и Решението на Државната просветна инспекција, се вели во соопштението потпшано од претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Претседателството смета дека рокот за спроведување на Решението, во овој случај не може да биде оправдување за одолговлекување со постапката.
Претседателството на СОНК ќе прифати и цврсто ќе застане во правна постапка на тројцата професори, да се утврди конкретниот виновник за овој случај и врз основа на тоа да се бара соодветен надомест за последиците по нивното здравје од долготрајниот штрајк со глад.
Претседателството на СОНК се надева и се моли да се сочува здравјето на тројцата професори, но доколку се случи … тоа ќе го сметаме за смислено… и ќе бараме најстрога казна според законите на оваа држава за такво дело.
П.С. Со три точки ги одбегнуваме зборовите кои сигурно ќе внесат немир кај многумина, но сепак сметаме дека на тие што се искрено загрижени за овој случај им е јасно за кои зборови станува збор, напиша претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Tахикардија, вртоглавици и зголемено ниво на шеќер во крвта утврдила лекарската екипа која денеска морала да интервенира кај тројцата професори од Економскиот факултет во Штип.
Тие веќе 14 дена штрајкуваат со глад, незадоволни затоа што наспроти препораките на рецензентската комисија, Факултетот не ги унапредува во повисоко звање.
Од вторникот нив им се придружија уште 50-тина професори и наставници од раководството на Синдикатот за образование, наука и култура.
Универзитетските професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски се решија на штрајк со глад откако и покрај позитивните рецензии не беа избрани во повисоки научни звања, а наставно- научниот совет одлучи да не останат и на сегашните позиции.




