Алтернативните радио станици во Македонија се чини дека постојат единствено поради ентузијазмот на луѓето кои гравитираат околу нив. Она што е заедничко за трите радио станици на кои овој текст е посветен, е тоа што се стремат кон авангардна и квалитетна програма која не е широко прифатена од јавноста. Водителите во овие радија без исклучок се волонтери.
Радио МОФ
Радио МОФ е првото интернет радио во Македонија, кое е основано благодарение на идејата на неколкумина ентузијасти од невладината организација Младински образовен форум (МОФ).
Стефанија Тенекеџиева, координаторката на радиото вели дека ретко се случува да има платени реклами. Финансирано е исклучиво од грантови. Водителите на радио емисиите се волонтери кои работат од љубов.

– Еден од најголемите предизвици би рекла дека е да бидеме повидливи во јавноста. Засега само преку Фејсбук ја промовираме нашата работа, и доколку Фејсук реши да не прикаже наши објави на повеќе корисници, паѓа и нашата видливост – вели Тенекеџиева.
Предизвик за Тенекеџиева е да имамаат повеќе подкасти, влогови, видеа, бидејќи сакаат да бидат во тек со светските трендови.
Радио МОФ во главно пополнува празнини, отстапува простор за оние теми кои не се доволно застапени во јавноста и за кои во мејнстрим медиумите нема место.
– Се трудиме да ставиме акцент на теми кои не се толку застапени – вели Тенекеџиева.
Велат дека имаат одлична соработка со институциите, кои понекогаш на нив гледаат како на деца, поради нивната младост.
– Јас лично сметам дека треба да бидеме присутни во мултимедијални производи. Одиме на квалитет, а не на квантитет. Не зависиме од кликови, од реклами. Не ја труеме јавноста со секакви вести само за да се избориме за повеќе кликови – вели Тенекеџиева.
Интернет радијата се сива зона. Радио МОФ не е регулирано од АЕК.
Скоро сите водители во радиото се аматери. Радио МОФ има отворени врати за сите кои сакаат да водат емисија, да учат како се работи во радио, или било како да учествуваат во работата на радиото.
Радио МОФ има организирано и тренинзи за медиумска писменост, граѓанско новинарство и слично.
Џез ФМ
Парите се најголем предизвик со кој се соочува македонското Џез радио кое постои веќе две децении. Во моментот само еден човек работи во радиото.
Според Хаџи Стефанов Џез.фм најдобрите години ги доживеал во периодот помеѓу 2004 до 2006 година, но не може да дефинира на што се должи тоа.

Пред неколку години во МКЦ се одржа настан „Спаси го Џез.фм“ на кој требаше да се соберат финансиски средства, кој Хаџи Стефанов го оценува како комплетно неуспешен.
– Тој настан се случи во алармантно време – се присетува Хаџи Стефанов.
Преку тоа уште еднаш се докажа дека македонската јавност се уште не е зрела за краудфандинг на медиумите.
И покрај тоа што ова радио е меѓу најпочитуваните од слушателите, сепак институциите го игнорираат. Ален Хаџи Стефанов е горд што и покрај се Радиото уште постои и оваа есен ќе прослави 20 години постоење. Во Радиото максимално работеле пет луѓе во ист период. Тие секогаш работеле волонтерски и од љубов.
Радиото не добива никаква поддршка од државата, а сепак ЗАМП наложува во програмата да биде опфатена и 40 отсто македонска музика.
Хаџи Стефанов веќе изгубил надеж во институциите, па веќе не им се ни обраќа.
Сепак се присетува дека во минатото кога ќе се обрател до Министерството за култура, од таму воопшто не ни добивал одговор и бил тотално игнориран.
Младите се незаинтересирани да учат од неговите искуства и никој не му се обратил за да научи нешто за неговата работа.
Џез.фм е всушност приватен бизнис. Радиото го основал неговиот татко Љупчо Хаџи Стефанов, а сега за радиото се грижи Ален.
Работата на Џез.фм е под надзор на АВМУ.
Канал 103
Култното авангардно радио Канал 103 кое е сместено во зградата на Македонската радио телевизија, годинава слави 27 години постоење. Во краткиот филм „Фотофиниш“ на Огнен Димитровски, кој беше дел од филмот „Скопје Ремикс“ во 2012 година, претставени се проблемите со кои радиото се соочува на дневна основа, а тоа е притисокот од секоја власт низ годините. Во 2004 година, кога на чело на МТВ беше Гордана Стошиќ постоеле неуспешни напори за затворање на радиото, а во 2015 година 103ка повторно беше мета на притисок од тогашниот режим. Тоа беше кога генералот Стојанче Ангелов инсистираше МТВ да ги објави „бомбите на Заев“, а раководството на телевизијата го игнорираше, при што водителите на 103ка го поканија во радиото, но беа спречени да го примат во студиото од полицијата која направи упад додека се емитуваше програма во живо. Се чини дека секоја власт во Македонија е против радиото. Еден мој пријател во една прилика рече дека природно е раководните лица на МТВ да сакаат да го затворат радиото, па се пошегува дека дури и Мирко Попов да стане директор на Македонската радио телевизија и тој ќе сака да го затвори. Затоа, за 103ка разговарав токму со Попов.

Мирко Попов кој повеќе од 20 години е дел од радиото вели дека Канал 103 е култно скопско алтернативно радио, со уникатна историја и комплетно независна уредувачка политика.
– Радиото е под постојан удар на центрите на моќ кои не се во состојба да го контролираат, па борбата за опстанок и задржување на оригиналниот концепт претставуваат континуиран предизвик за нас. Радиото се подготвува да прослави 27 години работа и се обидува да се редефинира според најновите социо-културолошки услови на теренот. Работиме без никакви финансии на волонтерска база и постојано сме во потрага по нови идеи-дози на ентузијазам кои се неопходни за продолжување на приказната – вели Попов.
Попов вели дека Канал 103 има стабилна слушаност, која не е мерлива со останатите радио станици по нивните параметри за слушаност.

Тој потврдува дека имало многу обиди за исклучување на радиото, а ниеден не бил успешен.
– На разноразни начини, а некои и незамисливи за обичниот граѓанин, Канал 103 секогаш успеа да излезе како победник против најголемите политички моќници кои во даден момент сакаа да му го скратат јазикот. Шака маргиналци без контрола? Think twice – вели Попов.
На прашањето, дали новата политичка состојба во државата го олеснува работењето на 103ка, Попов вели дека било која политичка состојба, било кога, не само што не го олеснува, туку и сериозно ја отежнува работата на Канал 103.
– На ниедна политичка гарнитура која досега дошла на власт во Македонија, не и одговарало независен медиум со сопствена уредувачка политика, кој поттикнува критичко размислување и алтернативна култура. Никогаш не сме биле адекватни за турбо фолк елитата и нивната култура на примитивизам која ја поттикнувале преку сопствените пропагандни машини. Всушност ние сме комплетна спротивност на тоа миље и затоа сакаат да не замолчат. За среќа тоа за сега не им успева. Искрено се надевам дека новата власт ќе успее да има слух за подобро разбирање на културата која ја застапуваме, или барем да не остават на мира – се надева Попов.
“Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.


