Засега нема очекувања дека може да дојдеме во ситуација на зголeмен мигрантски бран, но ако дојде до какво било отворање на рутатата и зголемување на бегалци тие може само да транзитираат или да бидат со времен престој до 72 часа, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски, по ескалацијата на состојбата со турско грчката граница.
Според Спасовски, системот за добро справување со евентуално миграциска криза функционира постојано и сите надлежни институции се максимално посветени на справување со евентуален зголемен број мигранти.
„Знаете кој е ставот и политиката на Владата во однос на мигрантите, ние сме транзитна земја, имаме два транзитни центра, Винојуг и Табановце, и ако дојде до какво било отворање на рутата односно зголемување на бегалци низ Република Северна Македонија може само да транзитираат или да се донесе времен престој до 72 часа“, рече Спасовски.
Тој информираше дека изутрината Управувачкиот комитет на седница разговарал подетално за оваа состојба, како и дека службите следат и на дневна основа информираат, а соработката со државите од опкружувањето во овој регион е добра и со нив има постојана комуникација.
„Неколку пати сум истакнал дека прашањето во однос на миграцијата не е прашање што може да го реши една држава, туку треба да се изгради заемна политика, заради тоа што, пред се, ние се справуваме со последици, а не го решаваме проблемот, тој се решава таму кај што е неговиот извор. Сите заедно како држави од регионот се справуваме со последиците, но како и да е, сега засега, нема очекувања дека можеме да дојдеме во ситуација на зголемен мигрантски бран. Очекувам дека договорот помеѓу ЕУ и Турција ќе продолжи понатаму да функционира и да се реализира и заеднички ќе имаме можност добро да ја имплементираме целата оваа кризна состојба“, наведе Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.
За капацитетите на МВР за справување со проблемот, со оглед на тоа што неодамна со него раководи технички министер за внатрешни работи, Спасовски потенцираше дека системот функционира и оти тој не може да зависи од еден човек и од тоа дали министерот или кој било функционер е еден или два месеца на таа функција.
„Јас кога станав министер бев во најголемиот бран кога во еден ден влегуваа 10.000 до 12.000 бегалци, така што системот функционира, МВР, министерствата за труд и социјална политика и за одбрана, Армијата на државата, сите заедно сме насочени максимално посветени во однос на справување со евентуален зголемен број на мигранти иако сега проценките се дека нема да има таква состојба“, рече Спасовски.
Грција еден месец не дава азил
Грчката полиција во неделата со солзавец се обиде да ги растера мигрантите кои нападнаа со камења на границата во северната регија Еврос, а официјална Атина ја обвини Анкара дека со ширење неточни информации потикнува движење на луѓе кон Грција, првата членка на ЕУ на нивниот пат.
„Кампањата со ширење дезинформации на турските власти продолжува. Реалноста е ваква: Околу 10.000 луѓе се спречени при обидот да влезат на грчката територија“, твитна грчкото министерство за надворешни работи.
Националниот совет за безбедност на Грција вчера донесе одлука да го подигне нивото на обезбедување на државните граници и од овој момент во следниот еден месец нема да се примаат нови барања за азил, објави на Твитер грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
„Од сега нема да прифаќаме нови барања за азил за еден месец“, порача Кирјакос. Неговата влада се повика на член 78.3 од Договорот на ЕУ „за да се обезбеди целосна европска поддршка“ и да предизвика привремени мерки за итна помош.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази загриженост за состојбата со приливот на мигрантите на турско-грчката граница. Приоритет на Брисел, според неа, е да се внимава „Грција и Бугарија да ја добијаат потребната поддршка“.
„Подготвени сме да пружиме дополнителна помош, посебно преку Фронтекс (европската агенција на граничари) на копнените граници“, нагласи таа.
„Ни треба вонреден состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ“, пак, порача Манфред Вебер, претседател на групата ЕПП во Европскиот парламент, повикувајќи се на најновата ескалација на границата меѓу Турција и Грција.
Неговата главна порака беше во моментов да се заборават зелените работи и да се направат итни чекори: Вебер упати децидно барање: „Кога Комисијата на ЕУ ќе се состане оваа недела, фокусот не треба да биде на сликите на Франс Тимерманс со Грета Тунберг, туку на загриженост на милиони Европејци во врска со заштитата на нашата надворешна граница“, рече Вебер.
Потпретседателот на Комисијата, Маргаритис Шинас, рече дека тој, исто така, побарал посебен состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ за итно да разговараат за ситуацијата.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, пак, со тврд став – неговата земја нема да ги затвори границите со државите од ЕУ за сириските бегалци.
„Откако ја отворивме границата почнаа телефонски повици со барање да ја затвориме. Сега и ЕУ ќе носи дел од товарот“, истакна Ердоган во Анкара.
Тој изрази надеж дека в четврток на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин ќе биде договорено примирје во сирискиот регион Идлиб.
Од УНХЦР повикаа на мир и на некористење „прекумерна сила“ против илајдниците мигранти кои стигнуваат на турско-грчката граница, настојувајќи да влезат во Унијата. Агенцијата на Обединетите нации наглаува дека државите имаат законско право да ја контролираат својата граница и да водат сметка за невообичаениот прилив на луѓе, но мора да се воздржат од преминување на границите во спроведување на мерките.
„Тие мора да обезбедат систем кој ќе оневозможи поднесување барање азил на легитимен начин“, кажа портпаролот на УНХЦР, Бабар Балох.
Фронтекс стравува од напливот на мигранти
Агенцијата за заштита на надворешните граници на Европската Унија Фронтекс викендов составила доверлив извештај чија содржина сепак протече во медиумите. Во извештајот се наведува дека се очекуваат масовни миграции од Турција, јавува германски Велт кој имал увид во документот на Фронтекс, подготвен за носителите на политичките одлуки во врвот на Европската Унија.
„Ќе биде тешко да се сопре големото количество луѓе упатени кон Европа“, се предвидува во извештајот, со додаток дека „во следните денови притисокот само ќе расте“. Ситуацијата е толку избегана од контрола што Фронтекс предвидува дека бегалците нема да ги сопре ни интервенција на турските власти доколку решат повторно да ја затворат границата кон Грција.
Фронтекс наведува дека „вестите на социјалните мрежи ја зголемуваат можноста од масовно движење од Турција кон границите на ЕУ“.
Први на удар се Грција и Бугарија, па не чуди тоа што бугарскиот премиер Бојко Борисов денес патува во службена посета на Турција за да разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Велт истакнува дека на бугарско-турската граница има едвај 60 службеници.
Фронтекс веќе ѝпонуди дополнителна помош на Грција, но засега оваа агенција и владата во Атина не успеаја да се договорат како конкретно таа помош треба да изгледа.
Според податоците на ОН, на грчко-турската граница во моментов има околу 13.000 бегалци, кои ноќта ја минале на отворено. Особено е драматично на островот Лезбос, на кој преку викендот дојде до судир меѓу локалното население и бегалците, на кои локалците не им дозволиле да влезат во пристаништето. Имало и претепување новинари и активисти за човекови права. Цитираниот извештај на Фронтекс сугерира дека Европа стои пред реприза на бегалскиот бран од 2015 година. Дали е подготвена ЕУ да одговори на предизвикот?







