-Четири години најсовесно и најодговорно ја вршевме својата работа и ги застапувавме интересите на граѓаните, но за жал, наидовме на нетранспарентна владејачка гарнитура која само ги одбегнуваше нашите битни прашања за проектот „Скопје 2014“, незаконската промена на имињата на улиците во главниот град, партиските списоци и вработувања во јавните претпријатија, велат советниците на СДСМ.
Како што и најави за НОВА, координаторот на советничката група на СДСМ во град Скопје, Софија Куновска, тие ја напуштија денешната седница.
Пред заминувањето од Советот, Куновска потенцираше дека „згаснувањето на демократијата започнала во Советот на град Скопје“ по што упати прашање до градоначалникот Коце Трајановски, како се чуствува во однос на црниот понеделник од декември минатата година.
– Како се чуствувате за насилството врз граѓаните чиј градски татко сте вие, рече Куновска.
Градоначалникот на град Скопје пак, одговори дека не чувствува никаква вина и дека СДСМ нема да направи ништо конструктивно со напуштањето на седницата.
„Не чуствувам вина за ова напуштање на советничката група на СДСМ и жал ми е што тоа го прават вонинституционално. Мислам дека најмалку има причина тоа да се прави во градот Скопје. И за „Скопје 2014“ и за сите проекти се расправало во Советот, објасни градоначалникот изразувајќи жалење што советниците од опозицијата демонстративно ја напуштиле седницата.
Тој вели дека советниците на Социјалдемократскиот сојуз треба да останат во институциите на системот, бидејќи народот ги избрал и должни се да се однесуваат во рамките на своите надлежности.




