Советниците од коалицијата „Сојуз за иднината“ предводена од СДСМ во знак на солидарност со Шиповиќ ја напуштија седницата на Советот на Општина Струмица
Во знак на солидарност со претседателот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, советничката група на коалицијата „Сојуз за иднината“, денеска ја напушти седницата на Советот на општина Струмица.
Во образложението за вакавата одлука, координаторот на советничката група, Јосиф Христов, рече:
-СДСМ нема да дозволи Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со институционално насилство да ја преземат контролата врз општина Центар. По неуспехот со изборната тортура власта е во нов поход, преку монтирани политички процеси да ја поништат јасно изразената волја на граѓаните.
Единствениот грев на Претседателот на ОО на СДСМ Центар и Претседавач на Советот на Општината е што не попушти под заканите и притисоците на власта.
Бараме судот да ја укине мерката притвор за Мирослав Шиповиќ и да му дозволи да се брани од слобода. Судот да не ја користи мерката притвор како казна за Шиповиќ и за неговото семејство.
Ја повикуваме власта да престане со притисок судот однапред да му пресуди на Шиповиќ, а со тоа и на волјата на граѓаните во Центар.
Очекуваме дека кај ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски ќе проработи разумот и ќе се обезбеди непречено функционирање на Општина Центар, изјави Христов.




