Советникот на министерот за здравство, Јован Грповски е назначен за раководител на Проектната единица на Банката на Советот на Европа и тоа е класичен судир на интереси, тврдат извори за НОВА од Министерството за здравство. Проектната единица е продолжена рака на Министерството и преку неа се одвиваат сите проекти кои се финансирани од Банката на Советот на Европа. Од оваа Банка во здравството се земаат сите кредити за изградба и реконструкција на болници, откако престана соработката со Светска банка. Извори за НОВА од Министерството велат дека во случајот има конфликт на интереси бидејќи државен службеник од највисок ранг не може да врши две функции, односно дека државни службеници не смеaт да се ангажираат за хонорари на проекти.
За да ја провериме информацијата, НОВА одговор побара во Министерството за здравство. Од таму не негираат дека Грповски ги извршува двете функции, но потенцираат дека ангажманот во Проектната единица е дополнителен хонорарен ангажман.
„Државниот службеник на кој се однесуваат вашите прашања е вработен во Министерство за здравство како државен советник, додека ангажманот во Проектната единица за реконструкција на ЈЗУ во РМ е дополнителен хонорарен ангажман, кој што не претставува вработување. За истото е добиено одобрување од Банката за развој при Советот на Европа поради претходното работно искуство (на вакви и слични проекти), а исто така е добиено и мислење од Министерството за информатичко општество и администрација“, се вели во одговорот од Министерството за здравство.
За разлика од Министерството за здравство правните експерти кои ги консултираше НОВА тврдат дека државните службеници не се смеат да се ангажираат како експерти за хонорари и дека таквиот ангажман преставува конфликт на интереси. Експертите потенцираат дека оваа материја е регулирана со Законот за спречување на судир на интереси и согласност за ова не треба да се бара од Министерството за информатичко општество и администрација. Според професорката од Правниот Факултет Ана Павлова Данова,( која не се фокусираше на овој случај туку се обиде правнички, генерално да ги објасни ваквите појави), ваквиот ангажман претставува конфликт на интереси, јавниот кој што е должен да го застапува како службеник и неговиот личен, финансиски.
„Државните службеници не се ангажираат за хонорари на таков вид проекти. Тие се должни тоа да го работат во рамки на својата службена должност. Доколку им треба некаков вид на одобрение за таков ангажман (толкување дека нема судир на интереси) тоа може да се побара во Антикорупциска комисија, а такви согласности не е надлежно да издава Министерството за информатичко општество“, изјави Павлова Данева за НОВА.
Револтиран од ова реагираше и доцент. Др. Методија Трајаноски, од Медицинскиот Универзитет во Софија, кој работи во Министерството за здравство. Тој смета дека министерот за здравство мора да внимава кого става на клучни и одговорни позиции, особено во случајот каде што смета дека има класичен судир на интереси. Тој на саркастичен начин се обиде да го протолкува најновиот случајот во Министерството за здравство, но и да даде квалификација на целиот тим во кабинетот на министерот Тодоров за кој смета дека се нестручни за функцијата која ја извршуваат.
„Здравствената политика и здравствениот менаџмент, како дел од научната дисциплина- социјална медицина, претставува процес на постојано учење, акумулирање на искуство и усовршување. Гледам дека некои луѓе околу мене се повеќе си веруваат дека достигнале до висините на оваа наука. На нивно големо разочарување, тие не се помрднале ни од мртва точка и има уште доста да учат. Јас сум максимално самокритичен и секогаш ја барам грешката прво кај себе, никогаш не сум задоволен од самиот себе и секогаш гледам што може да се направи подобро. Драги колеги покемони! Ви го препорачувам токму овој пристап. Тој води до постојано незадоволство од себе и желба за континуирано само усовршување и напредок. И читање, читање, читање, учење, учење, до одвратност. За жал, имате несреќа да работите токму со таков како мене, а за мене тие македонски стандарди кои ги наметнувате се целосно ирелевантни. Јас гледам од таму каде што не пијат боза и не гледаат турски серии, кои што толку многу Ви се допаѓаат и Ви одговараат. А кој не сака да ги почитува овие принципи, подобро е да биде уловен како редок покемон“, објасни Трајаноски, на свој саркастичен начин.
Јован Грповски не одговори на телефонскиот повик и на СМС пораката, во која се бара негов личен став за најновото назначување на функцијата раководител на Проектната единица на Банката на Советот на Европа. Грповски во 2012 година беше назначен за вд. директор на Фондот за здравство, откога Маја Парнаџиева Змејковска си даде оставка по смртта на малата Тамара. Директорската функција ја извршуваше до април минатата година кога Фондот доби двајца нови директори, а Грповски стана државен советник во кабинетот на министерот Тодоров.