Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ на денешниот состанок на Советот за општи работи што ќе се одржи во Брисел, ќе одлучат каков заклучок ќе добие Македонија што ќе биде изгласан на Самитот на Европскиот совет в четврток и петок од шефовите на државите и Владите на ЕУ-земјите.
Како што пренесува државната агенција МИА, она што сигурно се знае е дека шефовите на дипломатиите и по петти пат едноподруго ќе ја одбијат препораката на Европската комисија за доделување датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Со цел можна одлука на Европскиот совет за отворање на преговорите со ПЈР Македонија, Советот ќе се врати на прашањето во 2014 година, врз основа на ажурирање од страна на Комисијата за натамошното имплементирање на реформите во однос на Пристапниот дијалог на високо ниво, вклучително и имплементација на политичкиот договор од 1 Март и суштинските чекори за промовирање на добрососедски односи и да постигне спогодбено и заемно прифатливо решение за прашањето за името, се наведува во клучниот предлог-заклучок на Советот за нашата земја.




